10 Декември, Меѓународен ден на човековите права
Правото на здравје и правото на нутритивна грижа се основни човекови права
Денеска се одбележува 10 Декември, Меѓународниот ден на човековите права, што има за цел создавање на свест и мобилизација на политичка волја за промовирање на почитувањето на правата и слободите содржани во Универзалната декларација за човекови права усвоена од Генералното собрание на Обединетите нации во 1948 година.
Оваа година главна тема на одбележување на Денот на човековите права е „Достоинство, слобода и правда за сите“. Универзалната декларацијата и Уставот на СЗО истакнуваат дека правото на здравје е основно човеково право за сите луѓе.
„Не може да има достоинство, слобода и правда без здравје за сите. Правото на здравје е да се осигура дека секој и секаде може да има достапна и квалитетна здравствена заштита. Правото на здравје значи никој да не биде изоставен. Тоа значи дека сите лица треба да имаат пристап до здравствени услуги без дискриминација“, се вели во објавата на Светската здравствена организација.
Европското здружение за клиничка исхрана и метаболизам и другите членови на Меѓународната работна група за правото на пациентите на нутритивна грижа се приклучија кон одбележувањето на Меѓународниот ден на човековите права.
„Сè уште има многу области во кои правата и вредностите промовирани во Универзалната декларација за човекови права не се почитуваат. Поради оваа причина, овој ден е можност за сите нас да го обновиме духот на човештвото за борба за права и достоинство. Тоа е исто така можност да се преземе акција против предизвиците кои сè уште се манифестираат во форма на сиромаштија, нееднаквост, насилство, неинклузивност, дискриминација. Свесни за фактот дека човековите права мора да бидат во основата на секој напредок, Меѓународната работна група за правото на нутритивна грижа се стреми ова право да го промовира како основно човеково право. Знаењето и аплицирањето на клиничката исхрана мора да биде во согласност со 5-те принципи на Виенската Декларација. Ве повикуваме да го обновите вашето ветување за одржување на правата и достоинството на болните луѓе и да се продолжи со придржување до универзалните вредности промовирани од Универзалната декларација за човекови права во сите општества и во сите околности“, се вели во соопштението на Европското здружение за клиничка исхрана и метаболизам.
Во септември годинава на меѓународен конгрес кој во организација на Европското здружение за клиничка исхрана и метаболизам се одржа во Виена формална поддршка на Декларацијата за признавање на правото на нутритивна грижа како посебно човеково право дадоа повеќе од 75 лекарски здруженија и организации, како и здруженија на пациенти. Декларацијата има за цел да ја подигне јавната свест и да иницира глобална акција против потхранетоста, предизвикана од различни заболувања.
Декларацијата е прва од ваков вид глобален консензус посветенa на подигање на свеста за важноста на потхранетоста и истакнување на недостатокот на нутритивна поддршка за луѓето кои страдаат од хронични и акутни заболувања. Виенската декларација поставува заедничка визија и принципи за имплементација на човечкото право на нутритивна поддршка за сите пациенти кои се соочуваат со потхранетост поврзана со болести. Недостаток на пристап до оптимална исхрана го зголемува ризикот од коморбидитети и морталитет кај пациентите кои страдаат од хронични заболувања.