Докторските асоцијации со повик за донации за медицинска помош на Украина
Лекарска комора со поддршка за Фондот за медицинска помош на Украина формиран од CPME
Лекарската комора на Република Северна Македонија дава поддршка на заедничкиот апел за помош кој го објавуваат лекарските здруженија ширум светот со цел обезбедување на неопходна медицинска помош за Украина. Акцијата се покренува по итен апел за помош од Украинското лекарско здружение со формирање на Фонд за медицинска помош на Украина од страна на Постојаниот комитет на европски лекари (Standing Committee of European Doctors)- CPME, Светската медицинска асоцијација ( World Medical Association) - WMA и Европскиот форум на медицински асоцијации ( European Forum of Medical Associations)- EFMA.
„Интензивната воена ескалација резултираше со загуба на животи, повреди и раселување на над еден милион бегалци во соседните земји, а нивниот број се очекува да се зголеми. Болниците и медицинските установи претрпеа сериозни штети и има недостиг од сите видови на медицински материјали и огромни логистички предизвици при испраќањето на помош. Апелираме до вас да размислите за донирање во Фондот за медицинска помош на Украина за да и овозможите на медицинската заедница да се координира и да обезбеди витална медицинска поддршка за хуманитарната криза“, се вели во повикот кој го објавува CPME.
WMA отвори банкарска сметка за донации:
Банка:
SOCIETE GENERALE
Примач: ANNEMASSE ENTERPRISES (04335)
Број на меѓународна банкарска сметка IBAN: FR76 30003 04335 00050005353 78
Идентификациски код на банката BIC: SOGEFRPP
Сопственик на сметка:
ASSO MEDICALE MONDIALE
13A Chemin du Levant
01210 ФЕРНИ-ВОЛТЕР
ФРАНЦИЈА
Фондот ќе се користи за олеснување на синџирите на снабдување со медицински материјали и други хуманитарни добра за колегите во Украина и соседните земји со примарната цел транспорт и дистрибуција на медицински производи. Дел од средствата може да се искористат за медицинска помош на бегалците, доколку здравствените системи на земјите каде се прифатени имаат потреба од помош.
Фондот ќе биде управуван од посебно тело формирано за оваа намена од претставници на сите здруженија и асоцијации.