Голем успех за здравствениот систем
Експанзија на трансплантацијата на органи и ткива во услови на пандемија
„Историска фотографија - докторите ѝ се поклонуваат на младата девојка чие семејство одлучи да ги донира нејзините органи. Нејзиниот млад живот трагично згасна, но нејзиното срце спаси друг млад живот. Нема зборови со кои може да се искаже благодарноста кон семејство. Нема зборови со кои може да се опише алтруизмот и големината на чинот на органодарителство. Во моменти на длабока тага да се донесе одлука за донирање на органите на блиските е дефиниција за хуманост“, напиша министерот за здравство доц. д-р Венко Филипче на својот профил на социјалните мрежи објаснувајќи ја и фотографијата од поклонот на медицинскиот персонал пред телото на починат донор. Емоциите кои оваа фотографија ги буди всушност и најдобро го опишуваат значењето и важноста на трансплантација на органи и ткива како медицинска процедура за лекување која спасува животи, но и значењето на органодарителството како највисок чин на човекољубие.
Во нашата земја пресадувањето на органи е присутно четириесетина години, но во најголем дел беше сконцентирано на трансплантација на бубрег од жив донор, иако спорадично се правеа и други интервенции, но не се обезбедуваше континуитет. Од минатата година, со изведување на првата трансплантација на срце од кадавер, се бележи значаен исчекор на ова поле. При првата интервенција на Клиника за кардиохирургија на 54-годишен пациент успешно беше трансплантирано срце, а годинава во април, срце од кадавер беше пресадено и кај 22-годишен пациент. Во вториот случај од донорот за првпат беше направена и експлантација на коски и коскени ткива, од кои потоа дел беа трансплантирани на 19-годишен пациент со што беше направена замена на малигно променето коскено ткиво со здраво ткиво.
На 30.05.2021 година беше извршена и третата трансплантација на срце од кадавер. Дарител на органите е 40-годишна жена, во состојба на мозочна смрт, чие семејство покажа висок чин на хуманост и дадена согласност за трансплантација. По петчасовна операција срцето продолжи да чука во градите на 39-годишна пациентка. Трансплантација на срце ја направија кардиохирурзите д-р Сашко Јовев, д-р Жан Митрев, д-р Марјан Шокаровски, д-р Васил Папестиев, д-р д-р Никола Христов, д-р Тања Анѓушева и анестезиолозите д-р Стефанија Хаџиевска, д-р Надица Мехмедовиќ, д-р Весна Митасова и д-р Јасмина Илиевска.
Покрај срцето беа трансплантирани и двата бубрега. Трансплантацијата беше извршена кај 44-годишен маж кој беше на хемодијализа и кај 30-годишна жена која беше на перитонеална дијализа. Во процесот на трансплантација на бубрези учествуваа доктори од Клиниката за нефрологија д-р Гоце Спасовски, д-р Лада Трајческа, д-р Ирена Рамбабова Бушљетиќ, д-р Зоран Јаневски и д-р Владимир Пушевски, а од Клиниката за урологија д-р Сашо Дохчев, д-р Сотир Ставридис, д-р Јосиф Јанчулев, д-р Александар Трифуновски, д-р Димитар Трајковски, д-р Виктор Станков и д-р Александар Јосифов. Анестезијата ја водеа д-р Александра Петрушева, д-р Александра Гавриловска и д-р Билјана Андоновска. Во процесот учествуваше и тим од Институтот за трансфузиона медицина проф. д-р Кочо Димитровски и биолозите Персида Кадиева и Симона Караџовска. Пациентката која ги донираше органите во состојба на мозочна смрт ја дијагностицираа д-р Весна Дурнев, д-р Билјана Андоновска, д-р Маја Мојсова Мијовска - национален координатор за трансплантација, во соработка со д-р Менка Лазарева од Институтот за радиологија и д-р Жан Зимбаков и д-р Елена Груева од Клиниката за кардиологија.
Овие кадаверични трансплантации го свртеа вниманието на домашната јавност кон хуманоста и важноста на органодарителството, но и кон успехот на лекарските тимови во изведувањето на овие сложени оперативни зафати.
Во услови на пандемија, кога најголем дел од регуларните процедури, прегледи и интервенции се одложени, се изведоа овие сложени медицински зафати кои ангажираа голем број здравствени работници - лекари, медицински сестри и техничари, лаборанти... Се покажа дека со добра организација и раководење, првенствено од Министерство за здравство, а потоа и од севкупниот персонал од различни сектори - јавно здравствен и приватен, системот може успешно да функционира, со цел да се спасат животи и во вака комплицирани здравствени услови.
Во Македонија засега годишно се прават меѓу 20 и 50 трансплантации на бубрези и тоа најчесто како донор се јавува некој близок роднина на пациентот. Кадаверичната трансплантација, иако е голема можност, засега останува недоволно искористена. Проценките покажуваат дека годишно во земјава има околу 120 лица кои настрадале во сообраќајна несреќа или поради некоја друга ситуација доживеале мозочна смрт и се потенцијални донори. Во нашата држава процентот на дарувани органи е релативно низок, добиваме 20% од органите на пациенти со мозочна смрт, за разлика од други земји, како што е Шпанија, која добива до 50%.
Првата процедура на трансплантација на орган на човек во светот беше изведена пред приближно педесет години. Благодарение на огромните достигнувања во медицината и здравствената нега, трансплантацијата на органи достигна ниво на кое може да спаси човечки живот. Во областа на трансплантацијата на органи, секојдневно има нови достигнувања. Реципиентите и донорите, како и научниците и лекарите, постојано се стремат кон поздрав и подолг живот.
Доц. д-р Филипче: Горд сум на моите колеги кои покажаа дека во ек на пандемија можат да работат врвна медицина
Министерот за здравство доц. д-р Венко Филипче во постапката на кадаверична трансплантација, како доктор е вклучен од самите почетоци во 2013 година. Тој во изјава за „Vox Medici“ вели дека разбирајќи го функционирањето на системот, смета дека имаме услови да ја прошириме Програмата за трансплантација на органи и во делот на мултиорганската трансплантација и тоа за срце, црн дроб, коски и коскени ткива и секако во делот на несродни матични клетки.
„Во септември 2019 година започнавме со подготовки за проширување на Програмата во делот на изработка на протоколите и подготовка на здравствените установи за развој на овој тип на трансплантации во поглед на подготвеност на простор, опрема и кадар. Во исто време, во Министерството за здравство се започна со изготвување на Националните листи за трансплантација на срце, црн дроб, коски и коскени ткива, како и стартување на софтверот на избор на најдобар реципиент на бубрег.
Беше предизвик да се организира системот, но како поранешен болнички координатор и сега како министер за здравство знаев дека ова можеме да го изведеме, дека сме подготвени и дека ќе имаме успех. Трансплантацијата на органи е единствено решение за голем број пациенти. За некои од нив тоа значи шанса за живот, за некои пак неспоредливо подобар квалитет на живот. За здравството пак, развојот на мултиорганската трансплантација е своевиден показател за развојот на здравствениот систем.
Да се води оваа Програма и да се направат првите трансплантации на срце и коски, во услови кога се соочуваме со пандемија од ковид 19 вирусот, за мене е посебен успех. Горд сум, секако, на моите колеги кои покажаа дека и во вакви услови, кога ковид центрите се полни и сме во ек на пандемијата, можат да работат врвна медицина, да работат заедно јавното и приватното здравство и да имаме успех во сето тоа. Нашиот план е до крајот на годината да ја направиме и првата трансплантација на црн дроб, на што се работи интензивно и секако, по смирување на пандемијата да имаме што повеќе кадаверични трансплантации“, вели доц. д-р Филипче.
Проф. д-р Јовев: Трансплантацијата на срце е исклучително потребна, за огромен број пациенти тоа е единствен спас
Проф. д-р Сашко Јовев ја води Клиниката за кардиохирургија каде се направени трансплантациите на срце, а истовремено е и дел од тимот кој ги спроведува интервенциите. Тој долги години, како дел од лекарскиот тим на Клиниката за торакална хирургија, се залагаше за отворање на државна Клиника за кардиохирургија, процес којшто вели дека одел мошне тешко. За трансплантациите на срце истакнува дека се исклучително потребни, бидејќи има огромен број пациенти кај нас и во светот за коишто ова е единствениот спас.
„Целиот програм е едноставно во научна и технолошка смисла врв на медицинската наука и се разбира треба да се има. Но, тие не се најтешките интервенции кои ги правиме, во техничка смисла правиме и многу потешки, како отворената хибридна хирургија на аорта, разни срцеви пластики, имплантации на механички срца итн. Со сигурност можеме да кажеме дека од стручен аспект е воспоставен систем за овие интервенции. И покрај тоа што се само две, јас во повеќе наврати реков дека ние постојано се подготвувавме, учевме, се консултиравме со колеги во Европа и дека сме подготвени. Се разбира дека со овој процес на подготовки и тренинзи треба да се продолжи како еден тип на континуирана едукација“, вели проф. д-р Јовев.
Првите две трансплантации на срце се направени во соработка со болницата Жан Митрев.
„Морам да признам дека соработката беше одлична. Се разбира дека можеме самостојно да ги работиме процедурите, но не би пречело и ако се има заеднички тим“, појаснува проф. д-р Јовев.
Спец. д-р Зимбаков: Мултиорганска трансплантација за пациентите кои покрај срцето имаат нарушување на функцијата и на друг орган
Спец. д-р Жан Зимбаков, директор на Клиниката за кардиологија, која е вклучена во подготовка на пациентите за трансплантација на срце и нивно постоперативно лекување објаснува дека индикациите за срцева трансплантација може да се апсолутни индикации, каде срцевата трансплантација е обично последен третман по избор, и релативни индикации, кога треба да се одредат ризиците и придобивките од трансплантација на срце, заедно со другите опции на лекување.
„Пред конечната одлука за трансплантација секогаш е потребно да се направат низа функционални тестирања, проценка на оперативниот ризик и проценка на едногодишното преживување. Кај пациенти со тешко срцево заболување и заболување на друг орган (пример, терминална бубрежна слабост, Eisenmenger Sy на фиксна пулмонална хипертензија), не треба да се прави изолирана срцева трансплантација. Мултиорганска трансплантација (срце и бубрег, срце и бели дробови и др.) може да биде опција во некои од овие случаи, но бара внимателно разгледување со оглед на сложеноста на овие процедури“, објаснува д-р Зимбаков.
Трансплантацијата на срце останува последен третман и шанса за преживување за многу пациенти со тешко срцево страдање, кои се во терминална фаза со сериозно нарушен функционален капацитет и покрај оптималната медицинска терапија.
„Иако остануваат сериозни потешкотии за долгорочно преживување на трансплантираните пациенти, исходот и прогнозата се подобрува како резултат на внимателната селекција на приматели и донори, напредок во имуносупресијата и спречување и лекување на опортунистичките инфекции. Според регистерот на International Society for Heart and Lung Transplantation (ISHLT), просечното преживување за трансплантации на срце извршени помеѓу 1982 и јуни 2016 година е 11 години за возрасни приматели и 16 години кај деца. Преживувањето на пациентите постојано се подобрува од 80-те години на минатиот век, со стапки на едногодишно преживување надминувајќи 85% за возрасни пациенти и 90% за пациенти со детска трансплантација (за периодот од 2009 до 2015 година)“, вели Зимбаков.
Коскената трансплантација има долга историја
Во април годинава на Клиниката за ортопедски болести за првпат досега беше направена експлантација на коски и коскени ткива од починат донор. Тимот на лекари предводени од доц. д-р Виктор Камнар, доц. д-р Александар Трајановски и координаторот за трансплантација на клиниката д-р Милена Богојевска Доксевска, експлантираше десен проксимален фемур, десна фибула, лев дистален фемур и лева фибула, како и патела и ахилова тетива со коскени блокови. По експлантацијата, колектираните графтови беа обработени и е направена биопсија, а потоа истите се складирани на температура од минус 36 Целзиусови степени. Складирањето на екстремно ниски температури овозможува умртвување на вилјабилните клетки од домаќинот. Вака обработен и складиран материјал е микробиолошки потврден дека нема инфективна патологија и истиот е подготвен за употреба. Десет дена по направената експлантација е направена првата трансплантација со графт од починат донор кај дваесетгодишна пациентка со малигна болест. Трансплантиран е лев дистален фемур, имплантиран во предел на проксимален десен фемур и фиксиран со цемент. Операцијата која траеше неколку часа ја водеше проф. д-р Милан Самарџиски.
Инаку, почетоците на коскената трансплантација во земјава се од далечната 1984 година, кога благодарение на ентузијазмот на неколку лекари се започнати подготовките за овозможување на услови за оваа медицинска постапка. Две години подоцна, во 1986 година, на Клиниката за oртопедски болести во Скопје е формиран и Одделот за коскено-ткивната банка.
„Клиничките бенефити од овие интервенции се огромни и се поврзани со превенирање и лекување на огромни деформитети и инвалидитети, но и животно спасувачки интервенции кај некои малигни процеси. Предноста на користење на коскени трансплантати од починат донор е во тоа што се добиваат поголеми количини на коскени ткива и мекоткивни елементи, како и цели масивни графтови што можат да заменат голем биолошки сегмент. Во секојдневната практика во ортопедијата и трауматологијата има многу пациенти кои се кандидати за трансплантација. Подготовките околу првата експлантација на коскени и меки ткива од кадаверичен донор траат неколку години, во смисла на прво пристапување кон националниот проект да се биде дел од истиот, преку подготовка на сите законски и правни документи, како и приложување на прецизен протокол за овој тип постапка“, вели доц. д-р Камнар.
Доц. д-р Дохчев: Потребна е кампања за подигнување на свеста за органодарителството
Трансплантацијата на бубрези од живи дарители во Република Северна Македонија датира уште од далечната 1977 година кога е направена првата трансплантација од тогашниот директор на Клиниката за урологија, д-р Иван Влашки, и трае до денес.
Од март 2012 година кога за шеф на тимот за трансплантација доаѓа доц. д-р Сашо Дохчев, енормно се зголеми бројот на трансплантации на бубрези, посебно во годините 2012 г. кога се направени 23 трансплантации, 2013г. се направени 35, во 2014 г. се направени 41 трансплантација и тоа 29 од жив дарител и 12 од кадавер. Значајно за овој период e и фактот дека во 2014 г. се возобнови и кадаверичната трансплантација по период од 25 години.
„Овие наши успеси не останаа незабележани и од светската и европската професионална јавност. Имено, светската интернационална организација на земјите во кои се обавува трансплантација на органи, ИРОДАТ, нѐ рангираше на извонредното за нас 9-то место во свет и на 5-то место во Европа, според бројот на трансплантации на бубрези од жив дарител во текот на една година на еден милион жители“, вели доц. д-р Сашо Дохчев, директор на Клиниката за урологија.
Трансплантација од жив дарител, додава тој, е посебно одговорна процедура, бидејќи се зема орган од здрав човек и не смее буквално да се случи нешто непредвидено, што ја прави целата постапка крајно тешка и одговорна.
„Акцентот треба да се стави на развој на трансплантација од кадавер. И додека трансплантацијата од живи дарители има еден свој ритам, за трансплантациите од кадавер не можеме тоа да го кажеме, иако во последните неколку години имаме завидни резултати. Кадаверичната трансплантација е во организација на државата почнувајќи од Владата, Министерството за здравство со националниот координатор и болничките координатори за трансплантација, и ние, како крајни извршители, колегите од Клиниката за нефрологија подготвувајќи ги пациентите и ние од Клиниката за урологија кои ги изведуваат оперативни зафати. Значи, потребна е една голема организација. Секако дека на сите нас ни е потребна и помош од невладиниот сектор, посебно од здруженијата на бубрежно болни пациенти како ,',Нефрон”, од медиумите и од севкупната јавност. Со ова сакам да кажам дека со поагресивна речиси секојдневна јавна кампања треба да ја подигнеме свеста кај граѓаните за органодарителството, како највисок чин на човекољубие, да кажеме дека и по нашата смрт нашите доброволно дарувани органи може да значат продолжување на животот на многу пациенти. Сметам дека сме на добар пат полека да ја постигнеме оваа цел“, вели доц. д-р Дохчев.
Тој порачува дека треба да се работи и на трансплантации и на други органи како црн дроб, панкреас, бели дробови, по што и ние еден ден ќе се придружиме на државите каде се одвива мултиорганска трансплантација.
Изведена нова сложена процедура за трансплантација на бубрег
Една од кадаверичните трансплантации, кога беа трансплантирани бубрези од млада пациентка повредена во сообраќајна, претставувала голем предизвик, бидејќи еден од органите имал вродена аномалија, поради што бил помалку анатомски и функционално вреден, помал по димензии од вообичаено и со три артерии кои го исхрануваат.
„За време на земањето на органите (бубрезите и срцето) се соочивме со таква ситуација каде моравме сите артерии да се лигираат посебно (што не е пракса кај кадавер нефректомиите, кога обично се зема и дел од аорта). Ова самиот процес на трансплантација кај реципиентот го направи многу посложен. Пресадувањето со две бубрежни артерии се смета за многу тежок процес, а со три речиси невозможен. Но, сепак, се нафативме на ваква трансплантација каде направивме три артериски анастомози, две на артерија iliaca externa и една на артерија epigastrica inferior кај реципиентот. Сите три направени анастомози уредно функционираа со одличен проток на крв низ нив. За наша голема среќа и голема радост постапката успеа. Пациентот го испишавме од нашата клиника со нормални вредности на креатинин 82 ммол/л, што е доказ за успешно извршена трансплантација. Оваа постапка е изведена за првпат во нашата држава, а е голема реткост и во светот“, вели доц. д-р Дохчев.
(Текстот е објавен во „ Vox Medici“ гласило на Лекарска комора )