Интервју за Vox Medici со Националниот координатор за трансплантација
Доц. д-р Мојсова Мијовска: Го поставивме системот за трансплантација, до крајот на годината се надеваме дека ќе трансплантираме и црн дроб
Во печатеното издание на весникот е направена ненамерна грешка во насловот. Редакцијата на Vox Medici се извинува за настанатиот пропуст.
Трансплантацијата од починат донор и мултиорганската трансплантaција беше моја визија, но без добра соработка со Министерството за здравство и одличната соработка помеѓу сите клиники кои учествуваат во процесот ова немаше да биде можно, вели националниот координатор доц. д-р Маја Мојсова Мијовска, во интервју за Vox Medici, по направените трансплантации на срце и трансплантирани коски од починат дарител. Taa во интервјуто зборува и за тоа како течеше процесот на воспоставување на систем за развојот на трансплантацијата на органи и ткива, кој е најтешкиот момент при изведувањето на интервенциите и открива во кои сегменти ќе се развива пресадувањето на органи во наредниот период.
Како специјалист по интензивно лекување и реанимација почнувате интензивно да се интересирате за трансплантацијата на органи и ткива. Така посетувате тренинзи и обуки, активно сте вклучени во изготвување на законската регулатива кај нас за овој дел, за на крајот од тој процес во 2018 година да станете национален координатор за трансплантација. Зошто ве привлече трансплантацијата?
Со години работев во Одделот анестезија при урологија и секако во тие години бев дел од тимот за трансплантација на бубрези од сроден дарител, односно жив донор. Потоа станав и шеф на истиот Оддел. Голема соработка имаше меѓу тимовите на урологија, анестезија и нефрологија, a на состаноците кои се одржуваа за западно-источен Балкан, се поставуваа прашања до каде е Македонија. Реално, во тоа време немавме напредок со трансплантацијата од починат донор. Но, тогаш тоа си го поставивме за цел. Во овие 10 години имам работено на креирањето на законите од медицински аспект и применливост на истите во нашата земја, а бев поставена и за болнички координатор 2014 (во тоа време бевме само двајца). Морам да признаам, тешко се пробиваше патот. Поминав многу едукации. Прво, добив стипендија од ISDOPT која ја искористив за едукација во клиниката „Сестре милосрднице“ во Загреб, каде во рок од три недели ги опфатив сите аспекти на мозочна смрт и процесирање на донор и земање согласност. Но, во истиот тој период, со добра соработка со националниот координатор за трансплантација на Хрватска и колегите, успеав да присуствувам на многу други трансплантации меѓу кои и на бубрези и на црн дроб. Сметам дека ова за мене беше најголемиот поттик. Многу мои колеги во последниве години завршија обуки за болнички координатори и детекција на мозочна смрт, како и за основните принципи на органодарителството. Сето ова ни беше овозможено од Хрватска и од Турција со кои имаме одлична соработка во минатите години. Во 2016 година завршив и напредната европска школа за органодарителство и менаџирање на системот за трансплантација (transplant procurement management) во Барселона и тоа беше искрено најдоброто нешто што ми се случило на професионален план. Со високи оценки ја завршив школата и стекнав многу искуство како во поставување на системот, така и во градење на висока свест за органодарителство. Во 2018 година бев избрана за национален координатор за трансплантација од Владата на РСМ и сметам дека ова беше мојот најголем предизвик. Едноставно трансплантацијата од починат донор и мултиорганската транспланатција беше моја визија, но без добра соработка со Министерството за здравство и министерот Венко Филипче и одличната соработка меѓу сите клиники кои учествуваат во процесот, ова немаше да биде можно.
Трансплантацијата на органи и ткива во нашата земја има подеми и падови, во годините наназад тешко одржуваше линија на раст. Зошто е тоа така? Што недостасуваше?
Трансплантацијата од починат донор започна во 2014 година по донесување на последните законски измени во 2013 година кои правно ни дадоа основа да започнеме со ова ново поглавје во медицината. Во период од три години се направија десетина трансплантации од починат донор (кадавер) по што следуваше период за еден вид ревизија на сработеното со цел, да се утврдат евентуалните недостатоци и да се подобри системот. Во 2018 година по краток застој, овој тип на трансплантации повторно започна. Кон средината на 2019 година решивме да ја прошириме Програмата за трансплантација и да ја вклучиме трансплантацијата на срце, црн дроб, коски и на коскени ткива. До крајот на годината се направија сите подготовки во делот на документација и организација и веќе во мај 2020 година ја имавме првата трансплантација на срце, а сега на 17 април и првата трансплантација на коски. Доколку не се соочевме со пандемијата со корона вирусот верувам дека сето ова ќе беше побрзо направено и ќе имавме и поголем број на трансплантации.
Дали сега може да кажеме дека системот е поставен, дека имаме протоколи, соодветни листи на чекање кои редовно се обновуваат, едуциран и мотивиран стручен кадар, опрема и медикаменти, за да не ни се случи повторно враќање наназад?
Да. Имаме систем. Имаме простор, опрема и едуциран кадар. Секако дека доедукација е секогаш добредојдена и пожелна, но основата ја имаме. Во однос на лековите кои ни требаат во делот на имуносупресијата се соочуваме со нови лекарства во делот на срце, но во најголем дел сето тоа го имаме. Листите за чекање се направени по европски протоколи и постојано се проверуваат и дополнуваат. Секоја клиника работи по протоколи кои се однапред доставени до Министерството за здравство. Лекарите и целиот медицински персонал се мотивирани да продолжи развојот на програмата. Се надеваме дека до крајот на годината ќе ја имаме и првата трансплантација на црн дроб.
Додека трае борбата со ковид-19 и се бројат новозаразени и починати, веста за направената прва трансплантација на срце, а потоа и уште една успеа да даде поинакво светло на нештата. Исто така се направи и трансплантација на коски и меки ткива. Објаснете ни го значењето на овие интервенции и зошто се пристапи кон развивање толку на овие сегменти од трансплантацијата?
Кога е трансплантацијата на срце во прашање, секаде во светот таа покренува една нова надеж. Симболиката на срцето, но и фактот дека се работи за животоспасувачка операција кај пациенти кои немаат друга опција за живот. Од друга страна, трансплантацијата на коски и коскени ткива дава надеж за еден подобар и поквалитетен живот. Оштетувањата кои настануваат на скелетниот систем предизвикани од малигни или бенигни тумори, оштетувања од трауматски повреди, пропаднати ендопротези, сите тие може да се заменат со здрава коска од донор и со тоа значително да се подобри квалитетот на животот. Сето ова беше причина да ја вклучиме и коскената трансплантација во Програмата за трансплантација на органи и ткива.
Се најавуваше отворање на банка за ткива и коски. До каде е овој процес?
Банка за коски и коскени ткива постои како отсек на Клиниката за ортопедија при ЈЗУ ТОАРИЛУЦ. Во употреба е еден ладилник кој замрзнува до -40 степени, што е потребно за презервација на коскеното ткиво и преку проект на Амбасадата на Германија во тек е набавка на уште еден ладилник во кој ќе се чуваат коски до -80 степени. Банката е во состав на Клиниката за ортопедија.
Процесот на трансплантацијата се одвива во повеќе сегменти, односно етапи. Може ли да ни кажете што е најтешко, да се добие согласност од семејството, да се најде примателот, да се организираат сите анализи, испитувања и иследувања, да се организираат хируршките интервенции или додека се чека да се види дали пресадениот орган добро функционира?
Тешкиот дел е да се докаже мозочната смрт што во исто време значи дека сме го изгубиле пациентот. Но, сепак, најтешкиот дел е разговорот со фамилијата. Во исто време соопштуваме дека е пациентот починат и бараме од нив да се одлучат за дарување на органите. Овој дел е исклучително тежок од повеќе аспекти, тагата на фамилијата, но во исто време и можноста да им се објасни што значи да се даруваат органи. Колку пати досега и да сме го направиле тоа, сепак останува да биде најтешкиот дел. Не можам да кажам дека тоа што следува е лесно, но едноставно е дел од нашата професија. Како анестезиолог, мојата работа е поврзана со стрес и брзо носење одлуки кога се работи за човечки живот, но ништо не може да се спореди со овие некогаш 24 часа на работење под силно висок напон и одговорност. Вистински избор на пациенти, процесирање на лаборатории, иследувања, координација со сите екипи и нормално очекувајќи го исходот од сите интервенции. Но, секако, ова е позитивниот стрес во кој очекуваме успешна завршница знаејќи дека сме спасиле уште четири животи.
Колку пациентите има на листите за чекање за трансплантација на органи и како тие листи функционираат ?
На Нациoналната листа за трансплантација на срце има триесетина пациенти, на Листата за бубрези околу 110, дваесетина пациенти се на листата за трансплантација на црн дроб и исто толку чекаат на коски и коскени ткива. Листите постојано се менуваат. Се додаваат податоци на нови потенцијални приматели на органи и се ажурираат податоците за лицата кои веќе се на листите. Законски и практично, националните листи се во надлежност на Министерството за здравство, а пациентите ги номинираат клиниките кои ги следат болните кои имаат потреба од орган. Се внесуваат параметри кои се важни за да може да се најде најдобар реципиент за органот и истиот да биде прифатен. Сето тоа веќе постои како протокол во Европа и светот и ние само го преземавме. Постои софтвер кој прави споредба по медицинските параметри на донорот и примателот на органот. Потенцијалите приматели потоа се повикуваат, се прави уште една брза проценка на нивната здравствена состојба и се започнува трансплантацијата.
Членството во „Еуротрансплант“ ќе биде значајна придобивка како за тренинг и едукација на нашите лекари така и за да можеме да учествуваме во размената на органи меѓу државите кои се членки на оваа организација, со што на некој начин ќе може релативно полесно да се обезбедат органи за трансплантација. До каде сме со овој процес?
Членството во Еуротрансплант и слични организации е комплициран процес и бара многу работа во смисла на поставување на системот дома и негов развој. Во моментов постојат преговори за т.н. teaching and training договор со Еуротрансплант кој би овозможил да работиме под будното око на Еуротрансплант. Морам да појаснам дека овој договор не гаранатира размена на пациенти и органи, туку само помош во делот на развој и усовршување на трансплантацијата.
Во која насока како национален координатор го гледате развојот на трансплантацијата во земјава? Еден период се зборуваше за поставување на посебен центар за трансплантација, дали е потребно нешто такво? Кој вид на трансплантација да очекуваме следна да почне да се работи и кај нас?
Она што за мене е особено важно е фактот дека поставувме систем кој функционира. Ја шириме програмата и имаме успех. Секој чекор е тежок, особено кога почнувате нешто ново и притоа имате притисок од јавноста, од пациентите, па и од колегите. Но, еве покажавме дека во земјава со добра организација можеме да развиваме мултиорганска трансплантација. Бубрези, срце, коски и коскени ткива и наскоро се надеваме и црн дроб.
Додека го трасирате патот на трансплантација паралелно работите и на лекување на пациенти со ковид. Може ли да ни кажете на што ве научи пандемијата?
На хуманост. На борба. На издржливост. На истрајност и на човечност. Сите ние откривме нови работи за себе, но секако видовме и од каков материјал сме направени.
Законот за трансплантација на органи и ткива вели дека секој човек е донор на органи доколку во текот на својот живот не изразил волја дека не се согласува со тоа. Во јавноста повеќе пати се дискутираше околу тоа дали ова решение треба да се промени, но иако не се промени сепак, поради исклучителната чувствителност на прашањето, пресуден збор му се дава на семејството на пациентот кој се наоѓа во состојба на мозочна смрт, односно тоа дава согласност за пресадување на органите. Дали низ годините се забележува некаква промена во однос на свесноста за хуманиот аспект на донирањето на органи и дали можеби поголем исчекор може да се постигне со кампања?