“International Medis awards” 2019 за д-р Тања Николова
Фармацевтската куќа “Медис” со гала свеченост на 5 ноември во Цанкаровиот дом во Љубљана, Словенија одбележа 30 години од основањето и ги додели традиционалните награди “International Medis awards” на доктори и фармацевти од девет области од земјите во регионот. Меѓу наградените кои го добија ова престижно признание за медицинско истражување е и д-р Тања Николова од Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство во Скопје, која од пред две години е дел од тимот на Клиниката “Мителбаден” во Баден Баден, Германија, дел од Академската болница Хајделберг. Со наградата меѓународното стручно жири составено од еминентни експерти и оддаде признание на д-р Николова и нејзиниот меѓународен тим за истражувањето во кое е пронајден маркер кој со голема прецизност предупредува на можноста од предвремено породување, една од главните причини за смртноста кај новороденчињата.
Маркерите на кои работеше д-р Николова се препорачани во голем број земји, а се одобрени и од Американската агенција за храна и лекови (ФДА).
Меѓународната награда “Inernational Medis Awards” се доделува на лекари и фармацевти кои своите научно истражувачки трудови ги претставиле на значаен европски или светски конгрес или ги објавиле во афирмирано научно списание со импакт фактор од најмалку 1,5. Конкурсот е отворен за докторите и фармацевтите од Австрија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Хрватска, Македонија, Словенија, Србија, Унгарија, Бугарија и Австрија.
На овој единствен ваков конкурс за медицински достигнувања во Средна и Југоисточна Европа има 9 награди “Medis Awards” во 9 области: анестезиологија, гинекологија, педијатрија, фармација, неврологија, пулмологија (со алергологија), гастроентерохепатологија, офталмологија и ревматологија.
Пријавените научно истражувачки трудови ги оценува независно стручно жири според однапред утврдени критериуми, составено од меѓународно признаени експерти од различни специјалности, а под водство на претседателот на жирито проф. д- р Матија Томшич, шеф на Клиничкото одделение за ревматологија на Универзитетскиот клинички центар во Љубљана. Стручното жири ги избира финалистите и по еден победник од секоја распишана истражувачка област. Според првиот човек на “Медис”, Тоне Стрнад идејата за воведување на оваа награда се родила во годината кога компанијата одбележувала 25 години од постоењето со желба да се издвојат “добрите приказни” кои ги создаваат докторите и фармацевтите, а кои, за жал, во медиумите некако не се гледаат. За "Medis Awards" годинава конкурираа 207 труда од автори од 8 земји од регионот.