Лекарската комора на Македонија ги поддржува измените и дополнувањата во Законот за здравствена заштита
Лекарската комора на Македонија ги поддржува измените во Законот за здравствена заштита за кои, цениме, дека имаат за цел да се обезбеди подобра здравствена заштита и поквалитетни услуги, а на млaдите колеги им овозможува нормални услови за специјализација и нивна стручна надградба. Дотолку повеќе што дел од измените се долгогодишни заложби и барања на Комората, како професионална асоцијација на докторите во земјава и со нив се елиминираат некои од пречките во работењето на кои се укажуваше.
Во прв ред би истакнале дека со измените се скратува времето што специјализантот треба да го одработи во установата по завршувањето на специјализацијата, односно се елиминираа лихварските договори кои им беа наметнати на специјализантите и се воведоа поповoлни и покоректни услови за специјализирање. За разлика од претходно кога докторот беше обврзан во установата да работи двојно повеќе од времето поминато на специјализација, сега е предвидено да одработи во времетраење еднакво на должината на траењето на специјализацијата. Исто така, намалена е и висината на средствата што треба да ги надомести специјализантот ако предвреме ја напушти установата.
Многу важна измена за пациентите, но и за докторите, е дека досегашното наплатување на услуга од дополнителна дејност се менува целосно. Зафатот ќе биде покриен од Фондот за здравство, а ќе се наплатува само за ангажманот на докторот и неговиот тим по однапред утврден и одобрен ценовник. На овој начин ќе се овозможи избор на доктор со многу помали давачки за пациентите. Во услови на недостиг од кадар во јавно здравствени установи со новите одредби се дава можност кадар од една јавна здравствена установа да оди и пружа услуги на пациентите во друга јавна здравствена установа во општината во која живеат пациентите, за да не одат на друго место да користат здравствена заштита и услуга. Со ова, услугата ја станува подостапна до пациентите.
Според Комората значајни се измените со кои на здравствените работници со високо образование корисници на пензија, им се овозможува легално да можат да бидат ангажирани во која било здравствена установа како консултанти и советници на здравствените работници, независно од местото на живеење.
Со новите решенија во Законот се овозможува и директорите на установите да дежураат, а за тоа имаат право и надоместок. Целта е кадрите со големо искуство да може во целост да ги искористат своите капацитети за пружање здравствена заштита. Исто така, се бришат одредбите од Законот за здравствена заштита, кои се однесуваат на полагањето испит за директор на здравствена установа, од причина што со полагањето на предвидениот испит, начинот и постапката за негово полагање не можеше да се оцени способноста на лицето за вршење на функцијата директор.
Лекарската комора верува дека Министерството за здравство конструктивни новини ќе има и во новите законски решенија, пред се во Законот за лекарска дејност за кој Комората и докторите се залагаат со години, како и новиот Закон за здравствена заштита кој е во подготовка.