Објавување на фотографии од хируршка сала е недозволиво
Лекарската комора на Македонија, најостро реагира и го осудува објавувањето селфи - фотографии од операциона сала, доктори, родилка и новороденче на фејсбук - страницата на приватната болница „Санте Плус“, Скопје. Како професионална асоцијација имаме обврска и кон пациентите и кон докторите да се грижиме за нивното достоинство, а воедно да работиме на подигање на дигнитетот на докторската професија за што е неопходно сите доктори да се придржуваат до Кодексот на медицинска етика и деонтологија, Хипократовата заклетва, како и законската регулатива од областа на здравството. Без разлика за поводот поради кој се поставени фотографиите на социјалните мрежи, цениме дека станува збор за етички проблематична постапка од страна на здравствените работници, меѓу кои и доктори од приватната болница "Санте Плус", Скопје.
Објавување на фотографии од пациенти во хируршки сали е недозволиво, а јавно покажување на болниот дури и во научни или наставни цели се врши само во неговаписмена согласност, обезбедувајќи ги при тоа професионалната тајна и неговото лично достоинство.