Соопштение за поплавените
Владата на Република Македонија во рамките на своите активности што ги презеде по повод поплавите кои го зафатија скопскиот регион на 6.8.2016 година, донесе Програма за изменување и дополнување на програмата за партиципација при користењето на здравствената заштита на одделни заболувања на граѓаните и здравствената заштита на родилките и доенчињата во Република Македонија за 2016 година со која на сите лица кои живеат во Смилковци, Страчинци, Црешево, Винче, Стајковци, Ченто, Инџиково, Арачиново, Брњарци и Булачани се ослободуваат од партиципација за сите здравствени услуги што ќе ги користат на сите нивоа на здравствена заштита (примарна, секундарна и терциерна) заклучно со 31.12.2016 година.
Приватните здравствени установи во секундарно консултативна здравствена заштита за извршените здравствени услуги за секое осигурено лице, изготвува посебна пресметка (образец П1). Пресметката уредно пополнета со сите генералии ги содржи сите основни податоци за здравствената установа и за осигуреното лице, упатна дијагноза, потпис и факсимил на лекарот, печат на здравствената установа и дата на пресметката. Во полето, пресметана партиципација, се внесува износот кој претставува износ на пресметана партиципација за пакетот. Доколку за пациентот постои правен основ за ослободување од плаќање на партиципација, истиот се наведува во полето Основ на ослободување. Постојат повеќе основи за ослободување на пациентите од партиципација, но потребно е да се направи разлика дали се однесува на ослободување на пациентот од партиципација врз база на Законот за здравствено осигурување, програма од Министерството за здравство или по пропис од Министерството за труд и социјална политика. Кога основот за ослободување од партиципација на пациентот е регулиран со програма од Министерството за здравство, во полето основ на ослободување се наведува програмата, додека во полето платена партиципација се запишува износот на пресметаната (ненаплатена) партиципација и истиот задолжително се одзема од референтната цена на избраниот пакет. Во делот Вкупен износ за наплата од ФЗОМ се запишува износот намален за висината на партиципацијата и така намалениот износ за здравствената услуга се побарува од ФЗОМ. Износот, кој се однесува на пресметана но ненаплатена партиципација се побарува од Министерството за здравство во согасност со упатствата на Министерството за здравство.
За извршените здравствени услуги по Програмата за партиципација при користењето на здравствена заштита на одделни заболувања на граѓаните и здравствена заштита на родилките и доенчињата во Република Македонија за 2016 година, Здравствената установа до Министерството за здравство доставува Унифицирани формулари на фактури и извештаи (во прилог) и образец П1.