28.06.2016
28.06.2016
Од 1 јули капитациониот бод поголем за 10 проценти
Капитациониот бод за матичните лекари, како што беше и договорено, од 1.7.2016 година ќе се зголеми од 50 на 55 денари, односно избраните лекари ќе добијат 10% зголемување за поквалитетна грижа за здравјето на пациентите. Одлуката за ваквата корекција е донесена по преговорите со Лекарската комора на Македонија и направените анализи на состојбите во примарното здравство.
Со корекцијата на капитациониот бод ќе бидат опфатени повеќе од 1.500 тимови на матични лекари кои што работат во над 1.080 ординации со кои ФЗОМ има склучено договор.
Последното покачување на капитациониот бод за матичните лекари е направено во 2011 година кога тој од 45 е зголемен на 50 денари.
Зголемувањето на капитациониот поен, според очекувањата, треба да обезбеди и подобрување на состојбата во примарната здравствена заштита, а тоа, несомнено ќе се рефлектира и на 1.768.939 осигуреници кои имаат избрано матичен лекар. Во просек секој избран лекар има 1.159 пациенти за кои Фондот исплаќа 104.367 денари.
Одлука за корекција на бодот, според зацртаната процедура ја верификува Управниот одбор на Фондот а стапува на сила по добивање согласност од Министерот за здравство и се објавува во „Службен Весник на Република Македонија“.