Професор Чакалароски: Дијабетесот е сериозен глобален здравствен проблем
По повод 7 април, Светскиот ден на здравјето, кој оваа година се одбележува под мотото „Да го победиме дијабетесот“, денеска претседателот на Лекарската комора на Македонија, проф. д-р Кочо Чакалароски даде интервју за програмата на влашки јазик на Македонската радио - телевизија.
Претседателот Чакалароски истакна дека дијабетесот претставува глобален здравствен проблем со оглед дека се поголем е бројот на лицата со оваа дијагноза, вклучувајќи ги и децата, при што посебно беше потенцирано значењето на превенцијата, односно менувањето на животните навики, како и дијагностиката и современите третмани на шеќерната болест.
Професорот Чакалароски се осврна и на медицината заснована на докази како една од основните насоки во работењето на лекарите во Р. Македонија на сите три нивоа на здравствена заштита, а во интервјуто стана збор и за трансплантационата медицина, односно за кадаверичната трансплантација и нејзината примена во Р. Македонија.