05.01.2016
05.01.2016
Лекарската комора најостро го осудува насилството над здравствените работници во Клиничката болница во Тетово
Лекарската комора на Македонија најостро го осудува инцидентот во Клиничката болница во Тетово и од надлежните органи бара целосно расветлување на случајот и адекватно санкционирање на насилникот, кој физички и вербално ги нападна дежурниот доктор и медицинската сестра на Детското одделение во оваа здравствена установа. Комората бара во постапката против предизвикувачот на инцидентот да се применат новите законски прописи со кои нападот на здравствените работници на работното место претставува напад на службено лице.
Лекарската комора е децидна дека насилството над здравствените работници не смее да се толерира и дека е апсурдно во 21 век да се говори за феномен на насилство во медицински установи. Недопустливо е здравствените работници, тие кои ги лекуваат оние на кои медицинската помош им е неопходна, да стравуваат за својот живот и здравје . Комората е категорична дека со насилството над здравствените работници им се нанесува голема штета и на самите пациенти и дека нема ниту една причина, ниту едно оправдување за такво нешто. Сметаме дека и пациентите и здравствените работници имаат иста цел и дека за да се дојде до неа и едните и другите мора да се однесуваат согласно елементарните правила на човечност, достоинство и почитување.
Чие било или какво било незадоволство не смее да е повод за насилство од било каков вид, а особено не над здравствените работници. Од тие причини како Комора, сметаме дека институциите на системот мора одговорно и енергично да реагираат на насилството во здравствените установи. Лекарската комора на Македонија цени дека е неопходно да се работи на враќање на довербата меѓу пациентите и здравствените работници, но и дека во здравствените установи треба да преземат дополнителни мерки и активности со кои и на здравствените работници ќе им се обезбеди соодветна заштита и услови за нормална работа и грижа за здравјето на граѓаните.
Лекарската комора ги повикува здравствените работници во случај на вербално, физичко или каков било друг облик на насилство на работното место да ја известат Комората и, доколку е потребно, да им се обезбеди соодветна помош и заштита.