Од 1 јули 2016 година капитациониот бод за матичните лекари поголем за 10 проценти
Капитациониот бод за матичните лекари од 1. 7. 2016 година ќе се зголеми од 50 на 55 денари, односно избраните лекари ќе добијат 10 % зголемување за поквалитетна грижа за здравјето на пациентите. Одлуката за ваквата корекција, како што истакнуваат во Фондот за здравствено осигурување (ФЗОМ), е донесена по направените анализи на состојбите во примарното здравство. Зголемувањето од пет денари по капитационен поен, според пресметките, за Фондот ќе значи дополнителна фискална импликација од 188 милиони денари годишно.
За оваа намена, односно за дејноста општа медицина во буџетот на ФЗОМ за 2015 година биле предвидени и ќе бидат исплатени една милијарда и 870 милиони денари.
Со корекцијата на капитациониот бод ќе бидат опфатени 1.527 тимови на матични лекари кои што работат во 1.085 ординации со кои ФЗОМ има склучено договор во 2015 година. Последното покачување на капитациониот бод за матичните лекари е направено во 2011 година кога тој од 45 е зголемен на 50 денари.
Зголемувањето на капитациониот поен, според очекувањата на Фондот, треба да обезбеди и подобрување на состојбата во примарната здравствена заштита, а тоа, велат во ФЗОМ, несомнено ќе се рефлектира и на 1.768.939 осигуреници кои имаат избрано матичен лекар. Во просек секој избран лекар има 1.159 пациенти за кои Фондот исплаќа 104.367 денари.
Инаку, одлука за корекција на бодот, ја верификува Управниот одбор на Фондот, а по добивање согласност од Министерот за здравство, ќе биде објавена во „Службен Весник на Р. Македонија“. Почнува да се применува од 1.7.2016 година.
Од Фондот за здравствено осигурување на Македонија нагласуваат дека продолжуваат да биде рамноправен партнер со здравствените установи и заеднички да работи на зајакнување на обезбедување на поквалитетно и подостапно здравство за сите осигуреници и квалитетни работни услови за здравствените работници.