Комората најостро го осудува нападот на докторот од Клиниката за дигестивна хирургија
Лекарската комора на Македонија најостро го осудува вчерашниот инцидент на Универзитетската клиника за дигестивна хирургија во Скопје и бара целосно расветлување на случајот и адекватно санкционирање на оние кои пукаа во доктор кој се обидел да помогне на член на нивното семејство.
- Јас како човек, не само како доктор, го осудувам овој чин како израз на краен примитивизам. Замислете што се случува во 21 век. Тој што се обидува да ви помогне во најкритичната ситуација вие да го лишувате од живот, со какво право? Се согласувам дека во последниве неколку години се зачестени нападите на здравствените работници при што 1.500 доктори или биле изложени на навреди или им се заканувале или пак биле повредени, физички нападнати, рече попладнево претседателот на Лекарската комора проф. д-р Кочо Чакалароски.
Лекарската комора нема материјални средства, а нема ни законски можности да го штити докторот, ние само можеме да бараме од ресорното Министерство и од директорите во јавните и приватните здравствени установи докторот да се заштити, истакнува претседателот Чакалароски, по немилиот настан во кој близок роднина на пациентка која починала по хируршката интервенција со пиштол пукал во хирург кој ја извршил операцијата. Според него, во конкретниот случај се работи за дело направено со премисла и напаѓачот сакал да се одмазди, односно да убие. Тој посочи дека Лекарската комора интензивно работи на подготовка на подобри закони со што докторот би бил заштитен на работно место.
„Во последните две години интензивно работиме на донесување на закон за доктори. Ќе инсистираме законот кој го изготвуваат нашите органи и тела, Министерството за здравство како интегрален текст да го прифати и да се изгласа“, вели претседателот на Комората. Како што објасни тој, во законот подетално ќе биде обработен сегментот околу заштитата на докторот на работното место, а верувам ќе има и одредби околу минималната плата која треба да им се даде на лекарите.
Тој укажа дека е падната почитта кон докторот во очите на граѓаните. Пред 20 години не се викаше, не се мавташе пред докторите а овде бевме сведоци да имаме билборди низ градот кои доведоа до деградирање на вредноста доктор. Јас ве уверувам дека македонските доктори не се лоши доктори, и дека прават се според медицината базирана на докази. Јас сум оптимист и верувам дека ќе дојде време кога вистинските вредности ќе добијат на тежина, рече д-р Чакалароски.