Комисијата за етички и правни прашања отвори постапка за случајот во Гевгелија
Комисијата за етички и правни прашања на Лекарската комора на Македонија на денешната вонредна седница го разгледа известувањето од Министерство за здравство во врска со случувањата во ЈЗУ Општа болница Гевгелија со кое се бара да се утврди дали, согласно Законот за здравствена заштита, има основ за привремено или трајно одземање на лиценцата за работа на двајцата анестезиолози заради утврдено присуство на алкохол во крвта при вршење на интервенција во која почина родилка и нејзиното бебе.
Комисијата отвори постапка за оценување дали има основ за привремено или трајно одземање на лиценца за работа на двајцата доктори од Гевгелиската болница. Членовите на ова тело на Лекарска комора на Македонија ја разгледаа расположливата документација која е доставена до Комората и едногласно оценија дека не може да се одлучува без претходно да се добијат извештаите од извршениот вонреден стручен надзор на Министерство за здравство, изјавите на сите инволвирани субјекти, судско медицинското вештачење и други документи релевантни за овој случај од надлежни институции. Комисијата за етички и правни прашања побара за овој случај да се произнесе и Судот на честа при Лекарска комора на Македонија.
Членовите на Комисијата како што заклучија на денешнава седница постапуваат согласно своите овластувања, но за конкретниот случај им е неопходна целосна документација. Во Лекарска комора на Македонија досега е доставено Известување од Министерството за здравство со кое се бара Лекарска комора на Македонија да утврди дали, согласно Законот за здравствена заштита, има основ за привремено или трајно одземање на лиценцата за работа на двајцата анестезиолози заради утврдено присуство на алкохол во крвта при вршење на интервенција при кој почина родилка и нејзиното бебе и Известување за резултатите од анализа на алкохол во примероците крв.
Согласно законските одредби Лекарска комора на Македонија може привремено или трајно да одземе лиценца за работа врз основа на судско правосилно решение за забрана на вршење на дејност или професија, во случаите кога има повреда на Кодексот на медицинската етика утврдено од страна на судот на честа при Лекарска комора на Македонија, правосилна судска одлука за сторено кривично дело поврзано со вршење на здравствена дејност и правосилна судска одлука за сторен стручен пропуст или грешка при работа со што предизвикал трајно нарушување на здравјето и смрт на болниот.
Лекарска Комора на Македонија