Квалитетно осигурување од лекарска грешка е услов за квалитетна лекарска практика
Осигурителната понуда на "Триглав осигурување АД Скопје" која, според сите параметри, обезбедува квалитетно и оптимално осигурување на одговорност од лекарска грешка и натаму е отворена за докторите и сите кои се заинтересирани може да аплицираат да склучат полиси за осигурување за оваа година. Со неа се обезбедува максимална сума на осигурување од 250.000 евра за годишна премија од 228 евра. При евентуална утврдена штета осигуреникот учествува со 10 % од износот на утврдената штета. Покрај оваа највисока сума на осигурување, "Триглав осигурување АД Скопје" на докторите им нуди уште три пониски категории на осигурување со што се дава можност самите доктори, врз лична процена за можноста и тежината од евентуална грешка, да го изберат износот на кој ќе се осигураат (табела).
Со цел да се пронајде осигурителна компанија која на здравствените работници-доктори по медицина ќе им понуди најсоодветно осигурување на одговорност од лекарска грешка, пред повеќе од една година, Лекарската комора на Македонија ги повика осигурителните компании и брокерските друштва кои делуваат во Р. Македонија и кои се заинтересирани за соработка да достават понуди, а како најповолен за докторите ја одбра понудата на "Триглав осигурување АД Скопје". Таа е добиена под претпоставка дека ќе биде прифатена од голем број членовите на Комората и врз основа на тоа се постигнати понудените услови кои, според упатените во осигурувањето, во никој случај не можат да се обезбедат доколку докторот (установата) би се јавил како единка.
Во изминатиот период за осигурителниот пакет на "Триглав осигурување АД Скопје" се определија 70 –тина доктори. Ваквиот мал одзив, се чини, е повеќе од неразбирлив ако се има предвид законската регулатива и судската практика. Дотолку повеќе што осигурителните пакети на "Триглав осигурување АД Скопје" по многу елементи претставува најповолна осигурителна полиса за доктори не само во земјава, туку и во регионот. И според осигурената сума и според годишната премија. Ова не значи дека докторите не можат да изберат друго осигурување доколку ценат дека тоа им е поповолно, но најбитно е да имаат квалитетно осигурување од лекарска грешка кое е предуслов за квалитетна лекарска практика на сите нивоа на здравствена заштита.
Активности околу осигурувањето на докторите Лекарската комора ги презема имајќи го предвид одредбите во Закон за здравствена заштита со кои секоја Здравствена установа е должна да ја осигура одговорноста на своите здравствени работници од лекарска грешка при вршење на професионална дејност во рамките на установата. Ваквата обврска здравствените установи почнаа да ја практикуваат. Меѓутоа, информациите укажуваат дека здравствените установи настојуваат да ги исполнат законските нормативи, но при тоа тие се определуваат за поскромни премии и осигурителни суми кои во случај на судски спор не се ни близу на износите кои како отштета ги определуваат судските органи за пресудена лекарска грешка (достигнуваат и повеќе од 200 илјади евра).
Потребата од квалитетно осигурување на одговорност од лекарска грешка на докторите ја наменува и фактот што одговорноста е индивидуална, односно на секој здравствен работник поединечно, а здравствената установа може исплатената сума по судска пресуда за лекарска грешка да ја надомести од докторот, односно од здравствениот работник. Иако законската рамка за утврдување на професионална одговорност во вршењето на лекарската пракса, како што е познато, е исклучително широка, особено со оглед на тоа што има различни видови одговорност во вршењето на оваа дејност (дисциплинска, прекршочна, казнена, граѓанска...) со неа се опфатени сите нивоа на здравствена заштита – почнувајќи од примарна, па се до терциерна. Со законската регулатива е дефинирано дека здравствениот работник има етичка, морална и материјална одговорност во вршењето на здравствената дејност. Имајќи ги предвид специфичностите на медицината и на лекарската практика, голема заблуда е убедувањето дека високите оштетни побарувања се “врзани” за хирургијата, современите интервентните процедури во кардиологијата, ургентната медицина... Квалитетно осигурување на одговорност од лекарска грешка е повеќе од неопходност и за матичните лекари, за оние во специјалистичко-консултативната здравствена заштита, за интернистите, специјалистите од сите медицински области. Да не изумиме дека со анафилактички шок можно е да се соочи секој доктор. А во современата медицина можноста на грешка и пропуст се реалност.
Инаку, на повикот на Лекарската комора до осигурителните компании и брокерски друштва одговорија шест осигурителни компании. На изборот на најповолната понуда претходеа обемни и долготрајни анализи и преговори со понудувачите кои се одвиваа во консултација со компетентна брокерската куќа која беше ангажирана со оглед на специфичноста на материјата и потребата понудите да се анализираат до најситен детал од експерти за оваа област.