Комората реагира на се поагресивниот здравствен маркетинг
Рекламирање само во согласност со законските прописи и Кодексот на медицинска деонтологија
Лекарската комора на Македонија и Комисијата за етички и правни прашања во врска со рекламирањето на здравствената дејност во јавноста констатираа дека во последно време во средствата за јавни информирање, електронските медиуми и на рекламните паноа низ Република Македонија се почесто се среќаваат реклами и маркетиншки содржини на здравствени установи кои излегуваат надвор од можностите дадени во законската регулатива и се во спротивност со етичките и моралните норми регулирани со Кодексот на медицинската деонтологија и позитивните законски прописи.
Исто така, Комисијата укажа и на појавата во средствата за информирање да се даваат емисии во кои се зборува за давање на здравствени услуги од лица кои се декларираат како доктори (надрилекари), самоуки нутриционисти без соодветна диплома и лиценца за работа.
Сите стручни објавувања во популарни гласила треба да бидат наменети исклучиво за популаризација на медицинската струка и наука и за ширење на општата здравствена просвета и култура. Овие известувања мора да се базирани на претходно објавени факти во стручни списанија со задолжителна рецензија од експерти во областа. Некритичкото објавување на дијагностички методи и недоволно испробани начини на лекување пред нестручна јавност и прикривање на опасностите на таквите методи е деонтолошки прекршок.
Вршењето пропаганда за разни санаториуми, институти, клиники, за фармацевтската индустрија, додатоци на исхрана, козметика или за одделни здравствени работници, не е во согласност со професијата лекар. Таквите стручни известувања можат да се објавуваат само во строго стручни или тесно специјализирани гласила.
Во јавните гласила објавите се можни само тогаш кога се работи за општо втемелена потврда за новите методи на работење, односно за новите форми на лекување, откако тие методи се публикувани во стручната литература и веќе станале дел од прифатеното здравствено сознание медицина базирана на докази. Затоа лекарот никогаш не ги навестува однапред новите методи на лекување што ги истражува, односно со кои се занимава.
Морално - етички не е дозволено лекарот да ги става својата професија и професионални контакти во функција на дневната политика и нејзините активности.
Имајќи го во предвид сето ова сметаме дека е потребно да се реагира и укаже до надлежните институции, посебно пред Министерството за здравство на ваквите состојби со цел да не се доведуваат пациентите во заблуда и докторите да работат во согласност со Кодексот на медицинската деонтологија и позитивните законски прописи.
Комисијата предлага преземање на конкретни мерки против:
-
Рекламирање на ПЗУ со цени по медицински индикации кои ги покрива ФЗОМ,
-
Стручни здруженија даваат поддршка на рекламирање на ортопедски производи, вода за пиење, пелени и сл.
-
Медицинско преставување на лица кои даваат совети од областа на медицината и алтернативната медицина, а немаат соодветна диплома ниту соодветна лиценца за работа - на пример Слаѓана Велков на телевизија го коментира квалитетот и валидноста на вакцините, ТВ емисии во кои некомпетентни лица со билки лекуваат секакви болести, капки и раствори се рекламираат на сите телевизии, но не смее да ги препорачува доктор, самоуки нутриционисти препорачуваат рецепти за долг и здрав живот.
-
Писмо до Советот за радиодифузија за секоја емисија од областа на медицината и алтернативната медицина да се добива дозвола од ЛКМ.