Неопходна e поголема заштита на докторите од вербални и физички напади
“Насилството врз докторите не смее да се толерира, тоа е цивилизациски неуспех. Токму затоа неопходно е докторите и здравствените работници да имаат посебен статус кој правно треба да се регулира како предуслов ваквите инциденти во иднина да не се третираат како обични конфликти и напади, односно потребна е посебна правна рамка со која ќе се обезбеди поголема заштита на докторите и здравствените работници при укажувањето на здравствената заштита. Како професионална асоцијација потребата од ваквиот концепт ќе му ја предложиме и на ресорниот министер веднаш по конституирањето на новиот кабинет на Владата”. Ова беше истакнато на денешната прес-конференција во Лекарската комора на Македонија на која таа најостро реагираше и ги осуди се почестите вербални и физички напади на докторите на нивните работни места. Притоа беше укажано дека инцидентите кои излегуваат во јавноста, како што беа и последните два инциденти на Универзитетската клиника за гастроентерохепатологија, каде што имаше физички напад на доктор на дежурство и друг случај на вербална закана, се само дел од насилството врз докторите на нивните работни места во моментот кога тие ја вршеле својата одговорна професија.
За жал, предупреди ЛКМ, ваквите случаи се многу почести отколку што се зборува за нив и покрај тоа што секој поединечен инцидент не е само лична трагедија и траума, туку го урива интегритетот и дигнитетот на докторот и здравствениот систем во целина.
Во Лекарската комора на Македонија во изминатите неколку месеци се доставени повеќе дописи од доктори на медицина во кои тие известуваат дека при укажување на здравствена заштита на нивните работни места се почесто се напаѓани вербално и физички од страна на пациентите или нивните најблиски. Комората е категорична дека со насилството врз докторите на медицина им се нанесува голема штета и на самите пациенти. Како професионална асоцијација, ЛКМ потсети дека неколку пати апелираат до здравствените власти и директорите на здравствените установи да преземат дополнителни мерки и активности со кои на докторите на медицина ќе им се обезбеди соодветна заштита и услови за нормална работа.
Вакви инциденти, беше истакнато, има и во другите земји, во другите здравствени системи, и сите се обидуваат да ги превенираат и да се справат со нив. Во овој контекст беа наведени и примерите на Финска, Данска и Израел каде докторите имаат статус на службени лица, како и информациите, според кои, вакви заложби има и во Србија и Бугарија.
Лекарската комора на Македонија цени дека е неопходно да се работи на враќање на довербата меѓу пациентите и докторите и апелира до здравствените работници максимално да се ангажираат и да имаат трпение во работата со пациентите. На средбата со новинарите беше укажано и на потребата за реформи во здравствениот систем со цел докторот, врз основа на стручна процена, да определува колку време му е потребно за секој пациент поединечно и дека е недозволиво тоа да биде регулирано со некакви административни рамки.