Српската амбасадорка се заблагодари за помошта за поплавените подрачја
Благодарница за солидарноста и хуманоста на ЛКМ
Амбасадорката на Република Србија во Македонија, Душанка Дивјак-Томиќ денеска им се заблагодари на сите оние кои донираа за помош на поплавените подрачја во нејзината земја. На приемот во Амбасадата на Србија им беа врачени благодарници на донаторите на хуманитарна помош,меѓу кои е и Лекарската комора на Македонија.
“Поводот поради кој сме денеска овде е исклучителен по својата суштина – истовремено многу тажен, но и исклучително пријатен. Тажен бидејќи нашата денешна средба, така да кажам, е „изнудена“ со природната катастрофа во Република Србија, со трагични последици по човечките животи, личниот имот на илјадници нејзини граѓани, на нејзиното стопанство, инфраструктура и друго. Штетите се толку големи што нивното санирање ќе биде долгорочен процес, кој ќе бара многу енергија и парични средства, но и солидарност”, изјави Дивјак-Томиќ истакнувајќи дека од друга страна во сите нас преовладува чувство на човечка топлина и задоволство што со ова е потврдена традиционалната блискост и пријателство измеѓу нашите народи и држави.
Според неа, досега е реализирана помош во стока и пари преку 500.000 евра, но, што е посебно важно, со тоа не се запрени активностите на овој план. Веќе има во најава значајни донации и за нив амбасадорката Дивјак-Томиќ однапред се заблагодари.
Благодарници за помошта добија и министерот за транспорт, врски и екологија Миле Јанакиески и Министерството, специјалната единица „Тигар“, МВР, Министерството за одбрана, бројни други владини институции и општини, Црвениот крст, поединци, како и медиумите.
Саит Саити, генерален секретар на Црвениот крст, соопшти дека за помош во Србија и БиХ се собрани околу 21 милион денари, а досега се испратени околу 900 тони хуманитарна помош.“На една неодамнешна конференција беше оценето дека Република Македонија е една од водечките држави во обезбедување на помош за настраданото население”, изјави Саити.