Став на Извршниот одбор на ЛКМ по повод интервјуто на д-р Andrew Sanders за часописот "Feight"
Деновиве македонските медиуми во неколку наврати настапија со написи и прилози за "двојната улога" на д-р Andrew Sanders, координатор на групите доктори кои доаѓаат од САД со цел за подигнување на стручноста на лекарите во Р. Македонија, нивно запознавање со нови дијагностички и лечебни техники, особено во апликацијата на високата медицинска технологија.
Лекарите од САД доаѓаат за да помогнат, а не за да се збогатат. Тие се откажуваат од своите високи примања во САД за период додека работат рамо до рамо со македонските доктори. Министерството за здравство само им ги покрива основните животни трошоци. Лекарската комора на Македонија (ЛКМ) им издава работна лиценца на овие доктори без да им наплати за нивното издавање, што е резултат на трипартитниот договор меѓу Министерството за здравство, ЛКМ и "Линк Акрос" од САД. За некакво верско-мисионерско делување на лекарите од САД во Р.Македонија , не постојат апсолутно никакви докази. Ни еден македонски доктор , ниту усмено, ниту писмено, не ја информирал ЛКМ дека од него се бара преиспитување на вероисповеста за да биде подобро обучуван.
Како што сите знаеме, Македонија е земја каде започнало христијанството во вистинска смисла на зборот и од каде кон целиот свет беа упатени (Солун-Коринт) посланијата на Св. Апостол Павле. Така да воопшто не се работи за народ "кој не е допрен од верата".
ЛКМ ги поздравува успешно спроведените сложени докторски интервенции врз нашите најмлади пациенти за кои информираа и медиумите.
Од изнесеното можеме да заклучиме дека улогата на докторите од САД во Македонија е исклучително медицинска и дека нема никаква допирна врска со било какви други активности на докторските екипи од САД.