"Знаеш ли?" - за подигање на свеста за донирање органи
Повеќечасовна манифестација за подигнување на свеста за донирањето органи како највисок чин на хуманост на 30 април се одржа на плоштадот "Македонија" во Скопје под мотото "Знаеш ли ?". Во рамките на овој настан беше промовиран и новиот број на уличното списание "Лице в лице" кое е посветено на донирањето и трансплантација на органи, а граѓаните можеа да потпишат картички со што симболично и даваа поддршка на кампањата за донирање органи "Дари орган, подари живот", што Здружението "Мактрансплант" ја започна мината година, а која ја поддржа и Лекарската комора на Македонија.
Активностите беа организирани во соработка со невладината организација "Мактрансплант" и со неколку универзитетски клиники, а во координација со Националниот координатор за трансплантација д-р Аспазија Софијанова.
На манифестацијата своите лични стории и драми со граѓаните ги споделија донори и лица на кои им бил трансплантиран орган.
Волонтери на студентската асоцијација ЕМСА и на Црвениот крст на Град Скопје на промотивни штандови делеа едукативни материјали и брошури, а на граѓаните им го нудеа и најновиот број на "Лице в лице", тематски посветен на трансплантацијата и донирањето органи. Во манифестацијата активно беа вклучени спортистката Наташа Илиевска и актерите Гораст Цветковски и Бесфорт Идризи.
Според д-р Игор Николов од Клиниката за нефрологија, целата манифестација има едукативен карактер во кој акцентот е ставен на значењето на донирањето органи, трансплантацијата и на подигањето на јавната свест.
"За годинава се проектирани 50 трансплантации од жив дарител и 10-тина трансплантации на бубрези од починат дарител. Во завршна фаза се подготовките и за почеток на трансплантација на црн дроб", објасни д-р Николов.
Во земјава има повеќе од 1.400 бубрежно болни на дијализа, а секоја година по 50 -тина нови пациенти завршуваат на хемодијализа. Според експертите, доколку се развие трансплантацијата, барем една третина од нив би добиле шанса за нов живот. Трансплантацијата во првата година е поскапа од дијализата, но потоа станува поевтина, па е и поисплатлива за државата.И што е најважно, пациентот со пресаден бубрег е здрав и работоспособен човек.