Неосновани обвинувања од претседателот на собраниската Комисија за здравство
Поканата доцна испратена, а Комората укорена за "неоправдано отсуство"
Лекарската комора на Македонија најостро реагира на тврдењата на претседателот на Комисијата за здравство при Собранието на Р.Македонија, д-р Менде Диневски, дека и покрај тоа што е поканета, Комората не присуствува и не учествува во расправата на Комисијата за здравство ниту кога на дневен ред се клучни закони од областа на здравството кои се од посебен интерес за докторите и нивната дејност. Комората како професионална докторска асоцијација, која во прв план на своето делување ги има токму интересите и потребите на докторите, истaкнува дека ваквите тврдења се целосно неосновани и паушални. Од едноставна причина што Комората не може да партиципира во работата на органите на Собранието ако навреме не е известена за законските проекти кои се на дневен ред, нивната содржина и времето кога се закажани седниците на кои се расправа за нив.
Практиката поканите од Комисијата за здравство да се праќаат непосредно пред или на самиот ден, неколку часа, пред закажаниот термин за одржувањето на седниците, се повтори и минатата недела кога на дневен ред беа измените и дополнувањата на Законот за здравствена заштита. Поканата до Комората е испратена по факс во доцните попладневни часови, еден ден пред одржувањето на расправата, така што објективно немаше ниту време ниту пак можност да се делегира претставник на Комората за седницата на Комисијата за здравство, а уште помалку тој да се подготви и пред Комисијата аргументирано да ги презентира и брани ставовите на докторите. Пред сѐ, поради фактот што докторите се на своите работни места во здравствените установи и неопходно е не само да се подготват за некоја тема и расправа, туку и да ја организираат работата и да обезбедат замена на нивното работно место.
Од тие причини изнесените забелешки и критиките на адреса на Лекарската комора на Македонија се целосно неиздржани, а Комората за ваквите пропусти официјално реагираше и до Комисијата за здравство, но и до претседателот на Собранието на Република Македонија. Комората како професионална асоцијација и овој пат истакнува дека секогаш (се разбира, доколку ѝ се дозволи) е подготвена со целиот свој стручен и кадровски потенцијал да учествува во подготовката на законската регулатива и во носењето на решенија кои се од интерес на докторската професија и за подобрување на здравствената заштита во Р.Македонија. Потврда за ова, секако, е и фактот што своите забелешки, предлози и ставови во однос на законските решенија, Комората навреме го достави до Комисија за здравство и за седницата на која јавно и неосновано беше укорена и обвинета за "неоправдано отсуство" .