Иницијатива за измени и дополнувања на Законот за здравствена заштита
Лекарската комора на Македонија иницира постапка за измена и дополнување на постоечкиот Закон за здравствена заштита во делот кој се однесува на потребна документација за обновување на дозволата за работа на здравствени установи кои вршат дејност во мрежата на здравствени установи, во која како услов за обновување на дозволата за работа се бара приватните ПЗУ кои не се закупци на деловен простор од здравствените домови (концесионери) да достават и имотен лист за објектот или за дел од објектот во кој се врши здравствената дејност. Иницијативата е доставена до Владата и до Министерството за здравство со цел на овие ПЗУ да им се дадат еднакви услови и можности на достоинствен начин со сопствени средства да ја вршат својата хумана професија, рамноправно во приватниот сектор. Причина повеќе за иницираната постапка се дополнителните големи финансиски оптоварувања кои ги имаат докторите за обезбедување на ново бараната документација за обновување на дозволата за работа на здравствените установи кои вршат дејност во мрежата на здравствени установи.
ЛКМ смета дека при донесување на уредбата за мрежата на здравствени установи целта беше формално-правно да биде регулиран овој однос, без притоа таа да има финансиски оптоварувања на приватните субјекти од ПЗУ. Согласно тоа, голем број приватни ПЗУ го преземаа образецот објавен на страната на Лекарската комора и уредно аплицираа со него. Меѓутоа, подоцна Министерството за здравство дополнително објави нов образец со дополнителни точки каде се бара имотен лист со впишан деловен простор кој е потребен само за приватните ПЗУ кои не се закупци на деловен простор во здравствените домови.
На овој начин, според ЛКМ, е направена голема нееднаквост меѓу лекарите која не само што ќе ја намали нивната хумана дејност, туку и на многумина од нив ќе им биде оневозможена, а со тоа најпогодени би биле пациентите како корисници на здравствените услуги.
ЛКМ цени дека со другата документација која се бара и која ја приложуваат приватните ПЗУ кои не се закупци на деловен простор од здравствените домови би се постигнал истиот ефект на докажување дека се исполнети сите потребни услови за да се обнови дозволата за работа. Во поткрепа на ова е и фактот што доколку е потребно постоењето на деловен простор како услов, тој може да биде проверен од надлежни институции во секое време и од таа причина доволно е при обновувањето на дозволата за работа да биде доставена скица на просторот во кој ќе се врши дејноста.
Иницијатива за измени и дополнувања на Законот за здравствена заштита е поддржана и прифатена од сите членови на ЛКМ кои се единствени во своите размислувања дека задолжително треба да се изврши измена на Законот за здравствена заштита и на тој начин да се заштитат интересите на пациентите и да се обезбеди рамноправноста на сите лекари во Република Македонија.