Остра реакција на ЛКМ на изјава на вработен во Министерството за здравство
Матичните лекари се столб на системот, а не скретничари на пациенти
Како професионална асоцијација на докторите, Лекарската комора на Македонија и со официјален допис до Министерот за здравство Никола Тодоров, најостро реагираше на настапот на лице вработено во Министерството за здравство во еден телевизиски медиум со кој беше сериозно доведена во прашање стручноста и професионалноста на докторите од примарната здравствена заштита, односно на институцијата избран лекар. Во реакцијата се потенцира дека " при тоа избраниот лекар беше окарактеризирана како скретничар кого не го интересира здравјето на пациентите, туку само издава или не издава упати и рецепти за лекови, а согласно на таквото видување за негова "улога ", на јавноста и се пласира и став дека со тоа го загрозува и нивното здравје и живот. Имајќи предвид дека избраните лекари се носечки столб и во реформираниот здравствен систем и со нив почнуваат сите реформи, кои ние како професионалци и хипократови поклоници, ги разбираме пред се и само во интерес на пациентите, сметаме дека ваквите етикетирања и оцени се недозволиви и не примерни за никого, а најмалку за лица од Министерството за здравство кои се декларираат како експерти за здравствени системи и организација на еден исклучително сложен и комплексен сектор ".
Оваа наша реакција , се потенцира во дописот до министерот Тодоров, е последица на револтот што некој, како г-дин д-р sci. Методија Трајановски, незнае или намерно заборава дека избраните, односно матичните доктори се чувари на портата на секој здравствен систем, па и на нашиот , дека крајно професионално и совесно им се посветени на пациентите и нивните здравствени проблеми во текот на 24 часа. Во прилог на ова е и фактот што во анкетите за задоволството, пациентите секогаш највисоко ги рангираат токму матичните лекари. Ваквата оценка има посебна тежина ако се има предвид дека во ординацијата на еден матичен лекар годишно има и по повеќе од 10.000 прегледи и дека над 70 проценти од здравствените проблеми и медицински потреби на популацијата се решаваат токму кај нив и со нивното несебично залагање и посветеност. А такви доктори во Република Македонија има повеќе од 1.400 кои како мрежа ја покриваат целокупната територија на државата од главниот град, па се до руралните места со по неколку жители.
Имајќи го предвид горе наведеното Ве молиме, нагласено е во реакцијата, да се оградите и да ја демантирате изјавата на лицето кое ја даде изјавата и да истакнете дека тоа не е оценка и став на Министерството за здравство и политика на Владата. Пред се, во функција на градење на довербата кон матичните лекари во земјава и интересите на пациентите.