Собрание на ЛКМ
Плаќање на докторите според реални и правилно утврдени нормативи и критериуми
Лекарската комора на Македонија подржува воведување на модел за наградување на докторите според извршената работа, но инсистира тоа да се врши според реално поставени и правилно утврдени нормативи и критериуми . Лекарската комора на Македонија бара одложување на воведениот модел на плаќање по учинок кој е во примена поради констатирани недостатоци. Лекарската комора на Македонија смета дека при дефинирање на модел за плаќање според извршена работа треба да се стартува со гарантирана 100 отсто плата, дополнета со стимулација определена по претходно утврдени критериуми. Воедно, Лекарската комора на Македонија ќе иницира средба со синдикалните организации на докторите на која ќе се разгледаат начините за подобрување на социјалниот статус на лекарите во Македонија.
Ова е заклучокот на Собранието на Лекарската комора на Македонија одржано на 26.09.2012 година на кое на дневен ред беше моделот " плаќање по учинок". Лекарската комора на Македонија како професионалана и еснафска асоцијалција на докторите и овој пат ја истакна својата подготвеност за соработка со релевантните институции при дефинирањето на модалитетите за плаќање на докторите со сите свои стручни и кадровски потенцијали. Ваквиот став на Лекарската комора на Македонија е искристализиран врз основа на серија регионални средби на кои се сондираа ставовите на докторите во врска со моделот плаќање по учинок. Во овој контекст беа ставени и заклучоците на Комисијата за следење на промените во здравството и другите тела на Комората.
Собранието на Лекарската комора на Македонија укажа на неопходноста од подобрување на социјалниот статус на докторите, на потребата од донесување на Законот за доктори, на проблемите кои се наметнуваа од недостатокот на стручен кадар поради одлевање во странство, преливање од јавниот во приватниот сектор како и поради несоодветно планирана политика за распишување на специјализации. Според делегатите на Собранието на Лекарската комора на Македонија како сериозен проблем се јавуваат и пропустите во објавената мрежа на здравствени установи, стратешки документ од кој произлегуваат понатамошните активности во сферата на здравството; (потребите за концесии, планирање на потребен стручен кадар и сл.).