Извршен одбор на ЛКМ
Од септември плаќање по успешност и за другите профили во здравството
Разгледување на проектот за плаќање по учинок на докторите на ЈЗУ-ви кој стапи во сила од 01.07.2012.
Лекарската комора на Македонија како професионална стручна асоцијација има заложба за подобрување на здравствениот систем и подигање на квалитетот на здравствените услуги преку воведување на систем за адекватно вреднување на трудот на докторите. Сите заложби за правилно вреднување на докторите во тој систем се поддржани од страна на Комората и во оваа смисла и проектот за наградување според успешност беше поддржан уште на самиот почеток на неговото воведување. Комората со голема заинтересираност го следи воведувањето на проектот и ги поддржува сите прилагодувања кои се прават со цел истиот да се постави на реални основи што несомнено треба да доведе до поголемо задоволство на докторите за општо добро на корисниците на здравствените услуги. Поради тоа Комората ги поддржа последните измени за 100 процентна исплата на плата на почетокот на месецот, но веднаш притоа укажува дека основицата за исплата во основа е многу ниска за овој профил на кадар во Републиката, т.е. потребно е разгледување на опцијата за зголемување на платите за докторите на медицина.
Последните информации доставени до Лекарската комора се дека поради комплексноста на докторската професија проектот е воведен прво за вреднување на трудот на докторите на медицина, но ќе продолжи да се применува и за останатите профили од 1-ви септември 2012година.
Лекарската комора констатира дека поради недоволна информираност се појавуваат погрешни реакции во однос на примената на овој модел, поради што Комората ќе настојува да го информира членството со сите нови информации на оваа тема.
Разгледување на мерката што ја воведе ФЗОМ за јавно објавување на докторите кои погрешиле во работењето - “ѕид на срам”
Лекарската комора ги следи објавите на web страната на Фондот за здравствено осигурување при што е запознаена со табеларниот приказ на раскинати договори на лекари од здравствени установи поради повреди на договорните одредби со ФЗОМ. Лекарската комора активно учествува во преговорите со Фондот каде се дефинираат одредбите на Договорите за начинот на плаќање и преку свои претставници во комисијата за казни на ФЗОМ учествува во нивното работење. Имајки го сето тоа во предвид Лекарската комора ќе остане доследна на заложбата сите лекари да работат согласно законските прописи за да не се дозволи да се доведе во прашање угледот на докторската професија и за да не се создадат услови за нелојална конкуренција.
Што се однесува до терминот “ѕид на срамот” употребен во насловот на дадената информација од страна на Фондот, сметаме дека треба да се разгледа можноста за употреба на поадекватен.
Извршен одбор на ЛКМ, 27.07.2012 год.