Реакција на ЛКМ
ЛКМ апелира здравствените власти да продолжат со редовна институционална соработка со еснафските асоцијации
Од нејзиното основање до денес, како организација која ги застапува интересите на докторската професија, но и интересите на пациентите, ЛКМ секогаш била и останува отворена за соработка со сите здравствени институции и блиски организации, раководејќи се притоа од клучниот принцип: подобрување на здравството во Република Македонија.
Веруваме дека сите ќе се согласиме дека лекарската професија е, сепак. професија со јасни специфики и одговорности, кои ја чинат поразлична, ама и обврзуваат на поголема грижа и внимание кон неа. Таа битно влијае врз балансот кој, во секое општество, треба да се воспоставува помеѓу општото здравје, грижата за пациентите и усогласувањето на економските можности и желбите за соодветното лекување.
Заради сето тоа, некои од изјавите што деновиве се слушаа лекарите ги разбираат како лична навреда, дури и како атак на професијата. Треба да се нагласи дека лекарите не се сомневаат во добрите реформски намери на здравствените власти, ама сметаат дека тие несоодветно се формулираат и соопштуваат. Сметаат, исто така, дека расправите за суштествени прашања треба да бидат вклучени и тие, како и нивните стручни организации, вклучувајќи ја и ЛКМ. Немањето на јавна дебата,не оди во прилог на заедничките желби за подобрување на нашето здравство. Македонија има соодветна законска регулатива која здравствените власти треба доследно и транспарентно да ја спроведуваат, вклучувајќи го и процесот на едукација, самоконтрола и контрола, заштита на професионалниот дигнитет на секој поединец, како и заштитата на интересот на пациентот.
Реформските процеси не можат да се одвиваат без познатите предуслови, бидејќи нашата дејност се втемелува врз медицината базирана на докази и на усогласеноста со потребите и можностите. Воведувањето на репресивните мерки во здравството мора да биде последна мерка, која може да се применува дури откога ќе се исцрпат сите останати. Сама за себе, репресијата има само негативни последици, кај пациентите и кај лекарите. Таа, дури, упатува кон заклучокот дека здравствените власти својот дел од одговорноста го префрлиле врз здравствените институции и здравствените работници.
Категоријата медицинска грешка се уште не е прецизно дефинирана, наспроти фактот што грешките во медицината се случуваат секаде во светот и што тие се најмногу истражувани во болничките институции. Со препораките (директивите) на Советот на Европа од 2009 година и нивните дополненија, покрај многуте мерки, се наложуваат токму мерките за превенција на медицинската грешка, со интенција таа да се намали или одбегне. Тие се насочени и кон намалување на улогата на човечкиот фактор при нејзиното настанување, како и кон потребата од земање предвид на многубројните системски недостатоци. Ниту еден лекар не направил намерна грешка. Од друга страна, ако е човечки да се греши, мудрост е грешката да се признае и да се обесштети, за во иднина таа да се превенира и, евентуално, целосно да се одбегне.
Боледувањата, во нашиот систем, се регулирани, а проблемот настанува во имплементација и спроведување на одредбите кои боледувањата ги регулираат, за што одговорноста е и кај администрацијата која е овластена да ги спроведува и контролира. Сепак, треба да се обрне вниманието на фактот дека - соодветно на широката дефиниција на ОН за поимот здравје - боледувањето е неспорна медицинска категорија која, освен што и припаѓа на струката, има и поширока социјална димензија.
Комуникациските вештини, антрополошките аспекти на меѓучовечката комуникација и нивното познавање се неопходен дел од секојдневието и предмет на посебна наука. Тие чувствителни вештини се особено изразени при воспоставувањето на базичната релација пациент-лекар. Сметаме дека комуниколошките аспекти во медицината треба да се изучуваат веќе во текот на студирањето, во рамките на клиничките предмети, дури и да се разгледа можноста тие да станат посебен курс/предмет. За разлика од другите сфери, комуникацијата во медицината е поливалентна. Таа се одвива на релациите: пациент-доктор, доктор-доктор, пациент-семејтво, пациент-останатите здравствени работници, докор-останатите здравствени работници, здравствени работници-јавноста... Освен што мора да биде втемелена врз стручноста и довербата, таа комуникација априорно ја вклучува и незаобиколната емотивна компонента.
Имајќи ги предвид сите посочени аспекти, Лекарската комора на Република Македонија апелира да се одбегнуваат непотребни потреси, здравствените власти да продолжат со редовна институционална соработка со еснафските здруженија од областа на здравството, граѓанскиот сектор и други инволвирани организации, за на тој начин да се обезбеди подобра здравствена заштита и безбедност на граѓаните и пациентите. Взаемната соработка и разбирање овозможуваат слободно да ја работиме својата дејност, да ги минимализираме грешките и да го сочуваме нашиот интегритет и самостојност, меѓусебната почит и довербата на граѓаните, вклучително и докторите.