ЈАВНО ОБРАЌАЊЕ ДО Д-Р БУЈАР ОСМАНИ, МИНИСТЕР ЗА ЗДРАВСТВО
Лекарската комора на Република Македонија Ви се обраќа јавно со намера, уште еднаш, да укаже дека Комората како застапник на докторскиот еснаф во актуелните реформи во здравството е повторно запоставена што предизвика вознемиреност меѓу докторите.
Чувствуваме за потребно да Ви се обратиме потсетувајќи Ве на некои обврски што ги преземавте пред членовите на Комората и пред целокупната јавност. Јавно ја презентиравте Вашата желба Комората да биде партнер при креирањето на здравствените политики во државата. Во таа прилика ветивте дека преку Комората ќе имате слух за мислењата на докторите при подготвувањето на текстот на законот за здравствена заштита. Исто така прифативте со промена на Законот за здравствена заштита да воведете тело во кое Комората ќе има можност мериторно да ги искажува своите мислења и ставови, а за што ќе формирате координативен совет. Ветивте дека во Законот за здравствено осигурување ќе ја примените истата формула, Комората да биде партнер при донесувањето на клучни одлуки од интерес на докторите. Исто така ја истакнавте подготвеноста дека многу брзо ќе го прифатите текстот на законот за докторска дејност.
И покрај нашата добра желба, помошта и поддршката што ја добивавте, ништо од овие ветувања не е исполнето.
Посебно се наоѓаме затечени од спроведувањето на проектот за наградување според придонесот во работата на докторите. Имајќи предвид дека во Лекарската комора, како најодговорен сегмент од стручната јавност по овие прашања, верувавме дека перманентно ќе бидете заинтересирани за нејзиното мислење, ставови и образложенија.
Раководејќи се од реакциите на нашите членови во пилот установите, каде што се реализира проектот, Комората смета дека е погрешно и неоправдано исклучена од тие активности, што очигледно може да има несакани последици.
Лекарската комора чувствува одговорност пред своите членови, лекарите во Република Македонија, и укажува дека со реализацијата на овој проект е потребно претходно да бидат исполнети повеќе предуслови.
Лекарската комора на Македонија, го користи овој начин на обраќање, поради своите членови, докторите, да Ви укаже за забелешките до Вас, заради одговорноста што произлегува од работата на незините органи и тела.
Јавно Ве повикуваме да се вратите на суштинскиот дијалог, реална и детална оценка на овој проект, бидејќи се работи за судбината на голем број, многу добри професионалци- доктори кои работат во јавното здравство, со цел да не го напуштаат со што ќе се обезбеди одржување на високо квалитетна здравствена заштита.
Овие наши предлози исто така се од исклучителната потреба за зачувување на достоинството, стручноста и професионална одговорност на лекарите.
ЛЕКАРСКА КОМОРА НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА