CPME објави Политики за оптимизација на работната сила во здравството
Лекарската комора, како членска на Постојаниот комитет на европски доктори (Standing Committee of European Doctors - CPME), ги пренесува Политиките за оптимизација на работната сила во здравството што беа објавени на 31 март 2026 година од страна на CPME.
Препораки:
- Клучот за подобрување на перформансите и ефикасноста на здравствените услуги е добро опремена и мотивирана работна сила. Пристапот до капацитети и опремата, соодветното ниво на персонал и безбедните работни услови, како и имплементацијата на прилагодени е-здравствени решенија, може да помогнат во подобрување на испораката на квалитетна, безбедна, ефикасна, рамномерна и достапна здравствена заштита.
- Концептот на оптимизација, во смисла на редефинирање на тимовите и комбинација на вештините, како и на употреба на дигиталните технологии (вклучително, но не ограничувајќи се на ВИ), не смее да биде воден од кратење на трошоците, туку од подобрување на квалитетот на грижата, од резултатите од лекувањето на пациентите и ефикасната алокација на ресурсите.
- Намалувањето на непотребниот административен и бирократски товар треба да биде основна цел на оптимизацијата, со намера да се заштити благосостојбата на лекарите и да се осигура дека клиничкото време е посветено на грижата за пациентите.
- Префрлањето на задачите не смее да ја замени долгорочната инвестиција во оптимален број на персонал, обука и работни услови. „Префрлање на задачи“ е името што сега му се дава на процесот во кој специфични задачи се префрлаат на здравствени работници со пократка обука и помалку квалификации.
- Националните власти мора да соработуваат со медицинските професионалци, регулаторите и со претставничките тела на здравствените работници за да ги зачуваат медицинските стандарди и професионалните одговорности, преку задржување на грижата предводена од доктор. Мултидисциплинарните тимови, координирани од лекар, треба да се сметаат за „златен стандард“.
- Етичките принципи и јасно дефинираниот безбеден опсег на практика се од суштинско значење за дефинирање на добрата практика кога немедицинскиот здравствен персонал презема нови задачи.
Политики
- CPME се спротивставува на замената на докторите со несоодветно обучени кадри кои го загрозува квалитетот, континуитетот и безбедноста на грижата.
- CPME ги истакнува ризиците од потпирањето на дигиталните алатки и ВИ за решавање на недостигот на работна сила и подвлекува дека валидираните алатки можат да ја поддржат, но не и да ја заменат клиничката експертиза.
- CPME се залага за транспарентни и инклузивни процеси на креирање политики каде докторите се целосно консултирани и вклучени.
Вовед
Регрутирањето и задржувањето на докторите е сè понедоволно за да се одговори на растечката побарувачка за здравствена заштита. Стареењето на населението и сè посложените барања за нега ги надминаа расположливите ресурси, додека опаѓањето на привлечноста на медицинската професија и последователното зголемување на напуштањето на истата, го загрозуваат правото на здравствена заштита и посветеноста на универзалното здравствено покритие за сите Европејци.
Меѓународно, оваа перспектива се рефлектира во „Рамката за акција за здравствената и социјалната работна сила на СЗО“ каде што меѓу нејзините пет столба, промоцијата на оптимизација на работната сила, редефинирањето на тимовите и употребата на дигитални решенија со фокус на подобрување на перформансите и ефикасноста, сè повеќе се позиционира како основен принцип на здравствената реформа.
Клучот за оптимизирање на здравствените перформанси е добро опремена и мотивирана работна сила:
- Опрема и капацитети: Лекарите мора да имаат опрема за безбедна и ефикасна грижа. Тешкотиите во пристапот, дијагностика, болнички кревети и операциони сали предизвикуваат застои во грижата.
- Безбедни услови: Соодветното ниво на персонал ги намалува ризиците од „burnout“ (прегорување) и инцидентите со безбедноста на пациентите.
- Дигитализација: Инвестирањето во електронски здравствени картони и автоматизирани системи може да ги намали грешките и административниот товар, под услов, системите да се практични за клиничка средина.
Напорите за оптимизација мора да бидат водени пред сè од правата на пациентите, ефикасната превенција, клиничката корист, етичките стандарди и концептот на тимови предводени од лекар. Без соодветни заштитни механизми, постои ризик - оптимизацијата да се сведе на тесни, краткорочни мерки за ефикасност што можат да ги поткопаат медицинските стандарди и довербата на пациентите.
Продуктивност
CPME предупредува на опасноста од примената на индустриски концепти за продуктивност во здравството. Продуктивноста е мерка за тоа колку „производ“ се создава во однос на „влогот“, но не ги зема предвид индивидуалните потреби и преференции на пациентите. Од друга страна, подобрувањето на ефикасноста се однесува на максимизирање на вредноста на потрошените ресурси за подобрување на квалитетот на грижата и здравствените исходи на населението.
„Рационално здравство“ наспроти „грижа со ниска вредност“
CPME ја нагласува важноста на приоритетот на „рационално здравство“ (prudent healthcare) - концепт кој се усогласува со клиничката соодветност и безбедноста на пациентите.
Публикации сугерираат дека трошењето на здравствена заштита од висококвалификувани професионалци е „расипништво“ ако истата може да ја дадат некои со пониски квалификации (т.н. „low value care“ или грижа со ниска вредност). CPME предупредува дека овој термин е погрешен и може да се злоупотреби за да се оправда небезбедна замена на медицинската експертиза. CPME смета дека „рационалното здравство“ подобро ги доловува целите на клиничката соодветност.
Префрлување на задачи
Терминот „префрлување на задачи“ опишува ситуација во која задача, што обично ја врши лекар, се префрлува на здравствен работник со пониско ниво на образование или на лице обучено само за таа специфична задача.
- Делегирање на задачи: Одговорноста останува кај докторот.
- Префрлување на задачи: Одговорноста се префрла на другиот работник кој носи ризик за квалитетот доколку не се спроведе правилно.
Постои и концепт на „споделување на задачи“ (task sharing) — рационална прераспределба на одговорностите во тимовите што мора да биде придружена со соодветна едукација, супервизија и лиценцирање.
Иако префрлувањето на задачи традиционално се поврзуваше со земјите во развој, сега сè повеќе се применува во Европа, како одговор на недостигот од лекари. CPME предупредува дека ваквите мерки не може да го заменат сеопфатното планирање и инвестирање во работната сила за да се обезбеди правична распределба на докторите во сите региони. Трансферот на задачи може да помогне само доколку е безбедно дизајниран, за на докторите да им овозможи да се фокусираат на задачи што бараат нивна специфична експертиза.





