Заклучоци од 32-от ЗЕВА Симпозиум одржан во Скопје

32-от ЗЕВА Симпозиум се одржа во Скопје во периодот од 5 до 6 септември 2025 година. Под централната тема „Иднината на лекарските комори“, беа одржани повеќе од 40 презентации, при што беа споделени голем број информации и податоци.
Од дискусиите што се водеа на сесиите се резимираат следните заклучоци:
- Вештачка интелигенција:
Лекарските комори сметаат дека примената на вештачката интелигенција има големо значење за модерната медицина во однос на дијагностика, персонализирана медицина и оптимизација на администрација. Сепак, за примена на вештачката интелигенција постои потреба во секоја земја да се направи национална стратегија, да се донесе законска регулатива и акциски план. Овој проактивен пристап може да помогне полесно да се надминат предизвиците поврзани со одговорноста, заштитата на податоците и обуката на лекарите. Примерите за начинот на регулирање на ова прашање, кои ги презентираа претставниците на Австриската и Германската лекарска комора, може да дадат добра насока за тоа како да се организираат другите држави. Лекарските комори мора да бидат активно вклучени во процесите за регулирање на примената на вештачката интелигенција. Некои лекарски комори веќе имаат започнато да ја применуваат вештачката интелигенција во секојдневната пракса, како во обуките за континуирана медицинска едукација или во областа на поддршка за членови и истражувања направени преку четботови.
- Вклучување на помладите генерации во работата на коморите/побарувачка на студии по медицина
Речиси сите лекарски комори пријавуваат повисока просечна возраст на членовите на своите комисии и останати тела. Ова ја нагласува итната потреба волонтерската работа во лекарските комори да се направи поатрактивна за помладата генерација на здравствени работници. Многу од лекарските комори имаат формирано посебни комисии за млади лекари и нудат посебни услуги за нивните нови членови. Со оглед на тоа дека степенот на интерес меѓу младите луѓе да ја изберат лекарската професија, како свое занимање, варира од една земја до друга, за ова се потребни засебни стратегии. Во земјите каде што постои помал интерес кај младите, потребно е да се воведат државни стратегии со мерки кои ќе ги променат перцепциите кај младата популација и ќе ја мотивираат да се насочи кон избор на медицината како професија. Следствено, во земјите каде што има добра продукција на млади лекари, потребни се стратегии за нивно задржување, преку нивно вработување, обезбедување достоинствени приходи и можности за континуирана едукација.
- Стратешко планирање за потребен кадар
Во однос на вклученоста на лекарските комори во планирањето на докторскиот кадар, беше констатирано дека во различните држави постојат различни кадровски политики. Може да се констатира дека постоењето на национален план за здравствен кадар може да обезбеди подобро антиципирање на потребите на здравствените системи и со тоа да се овозможи навремена продукција на нов кадар. Креаторите на здравствените политики треба да ја стават во функција стручната експертиза која ја имаат коморите и базата на податоци за докторите, и со тоа да се обезбеди подобро планирање.
- Мобилност и признавање на дипломи
Правната регулатива од која произлегуваат барањата за признавање на квалификации стекнати во странска држава варираат од една земја до друга. Во земјите од Европската Унија постојат утврдени процедури за ова, а лекарските комори се до различни степени вклучени во процесот на признавањето на квалификациите стекнати во странска држава. Со оглед на тоа дека лекарските комори имаат добар увид во потребите и стандардите на здравствениот систем, пожелно би било тие во сите земји да бидат вклучени во однос на споменатите прашања.