Највисоко признание „Св. Наум Охридски“ за д-р Душко Темелков
Комисијата за доделување на наградата „Св. Наум Охридски“ одлучи оваа година плакетата да му ја додели на д-р Душко Темелков, специјалист по семејна медицина со 37-годишно работно искуство. Предлогот пристигна од Општинскиот одбор на Лекарската комора од Кавадарци, со што се потврдија неговите долгогодишни заложби и придонес.
Роден во Кавадарци на 19 мај 1960 година, д-р Душко Темелков е вистински пример за посветеност на својата заедница. По завршувањето на основното училиште и гимназија во родниот град, своето образование го продолжува на Медицинскиот факултет во Скопје во 1979 година, каде дипломира во 1986 година. Својата експертиза ја надградил со специјализација по семејна медицина.
Неговиот професионален пат започнал во 1987 година како доктор во Општа болница Кавадарци. Од 1999 до 2003 година, д-р Темелков успешно ја извршувал функцијата директор на Здравствен дом Кавадарци, покажувајќи не само лекарски, туку и раководни вештини. Во 2006 година, ја основал сопствената приватна здравствена установа „ПЗУ Д-р Темелков“, каде што со децении работел како матичен лекар, градејќи цврсти врски со своите пациенти, сè до неговото пензионирање минатата година.
Паралелно со својата лекарска пракса, д-р Темелков активно учествувал и во активностите на Лекарската комора од 1996 година до 2004 како претседател на општинскиот одбор во Кавадарци, а од 2017 до 2022, како член на Извршниот одбор на Комората. Неговата посветеност кон подобрување на условите и стандардот на докторите, како и кон обезбедување подостоинствен живот за здравствените работници е неизоставен дел од неговата кариера. Тој постојано се залагал за унапредување на медицинската професија и заштита на интересите на своите колеги.
Самиот д-р Темелков го сумира своето долгогодишно искуство со зборовите: „Се борев со сите предизвици, на прво место ми беше лекување на пациентите и обезбедување помош на секој можен начин. Тоа беше и мојата најголема сатисфакција. Се трудев да не грешам, а ако не можев да помогнам, барем да ги упатам пациентите на соодветно место во повисоките нивоа на здравствениот систем“. Овие зборови ја отсликуваат неговата длабока етичка посветеност и искрена желба да им помогне на сите, без разлика на предизвиците.
Д-р Душко Темелков е пример за лекар кој не само што стручно и професионално ја врши својата професија, туку и живее според највисоките етички принципи, оставајќи траен белег во здравството на Кавадарци и пошироко.