НАШИ ГОСТИ ВО VOX MEDICI КОИ НЀ ПРАВАТ ГОРДИ
Спец. д-р Сандра Цилевска: Најдобро решение за пациентот не е секогаш она од учебникот
Трауматологијата често се опишува како една од најдинамичните и физички и најнапорните гранки во хирургијата. Што беше пресудно за Вашиот избор, за специјализација токму во оваа област? Дали жените во оваа специјалност се соочуваат со поголеми предизвици?
Трауматологија е една многу динамична и секогаш предизвикувачка хируршка гранка, и секој случај, секое дежурство е приказна за себе, едноставно секој ден е различен. Тоа од една страна е напорно и бара сталожена работа под константен притисок , но од друга страна постојано дава мотив да се одговори на задачата, на предизвикот, да се реши случајот, да се исполнат барањата.
За мене можам да кажам дека трауматологијата беше избор кој се случи многу природно и спонтано, без никакво претходно навестување. Имено, во текот на моите студии никогаш не ме привлекуваа хируршките гранки, можеби бидејќи како студенти само во мал дел сме имале контакт со хирургијата и не сме можеле да ја осознаеме во целост. Меѓутоа, додека бев на задолжителниот стаж од Лекарска комора, еден месец поминав на хирургија, најголем дел во Ургентен центар, и имав можност да ја запознаам поблиску и попрактично. Едноставно се пронајдов во таа работна динамика. Можев да го поминам цел ден во работа без да почувствувам замор или желба да си заминам дома, дури и напротив, во исчекување на наредниот работен ден и на новите случаи што тој ќе ги донесе. Дотогаш, како доктор, никогаш немав почувствувано посебна привлечност кон конкретна медицинска гранка. Значи, сепак, пресуден беше големиот ентузијазам и исполнетоста што ми ја носеше работата. Во трауматологијата тоа особено доаѓа до израз, бидејќи генерално се работи за здрави пациенти на кои под некои околности им се нарушило здравјето. Ние сме тука, со своето знаење и умеење, тоа да им го вратиме. Докторскиот удел во целата проблематика е многу голем и многу брзо се гледа резултатот од тоа што е вложено. Тоа дава голем мотив - да се продолжи независно од тежината на работата.
На почетокот, нормално, и кај мене и во мојата поблиска и подалечна средина имаше предрасуди и страв за тоа дали ќе се совладаат сите барања за да се стигне до целта и дали во целост ќе се исполнат очекувањата што ги бара професијата. Јас, откако го направив изборот, повеќе не се двоумев и бев многу среќна што ми се укажа прилика да специјализирам гранка што навистина ја сакам. Стравот беше повеќе присутен во моето семејство, но поддршката никогаш не недостасуваше. И навистина, на почеток беше доста тешко, физички, бидејќи се работи за хируршка гранка, со долги операции, стоење на нозе, држење тешки инструменти, и поради класичните психолошки притисоци поврзани со предрасудите дека жените се за полесни гранки и дека не треба да се троши убавината и младоста на напорни и тешки операции. Меѓутоа, со текот на времето, сите работи си доаѓаат на свое место. Ако си доволно упорен, во еден момент ќе ги постигнеш сите цели и ќе ги надминеш сите пречки. Од сите негативни влијанија секогаш ме штитела мојата голема желба и љубов кон професијата, кон медицината како наука, кон човечкото битие како совршен механизам и кон науката, како стремеж да се открие нешто ново. Сите пречки сум ги надминала со фокус на позитивното и на тоа што во моментот е најважно - пациентот. Од колегите секогаш сум имала поддршка, почит и разбирање и многупати сме си помагале и покривале кога имало ситуации што ги надминуваат индивидуалните капацитети.
Со оглед на специфичноста на терцијарното здравство, како изгледа еден Ваш работен ден на клиниката за ТОАРИЛУЦ и како се справувате со притисокот од итните, животозагрозувачки состојби, што е предмет на Ваша конкретна специјалност?
На Клиниката за трауматологија денот почнува рано и секогаш динамично, со утринскиот состанок на кој се презентираат приемите од претходниот ден, случаите кои се на оперативна програма и контролните слики од оперираните пациенти. Потоа, сите продолжуваме со обврските, во трка со времето и просторните услови, во постојана борба за побрзо завршување на операциите кај поголем број на пациенти. Во нашата работа е специфично тоа што за разлика од повеќето хируршки гранки каде секој доктор има еден оперативен ден во неделата, кај нас може секој ден да биде оперативен, повторно поради непредвидливоста на работата. Никогаш во целост не може денот да се знае од претходно или да заврши во рамките на работно време. Секогаш има некој нов итен случај кој ќе дојде од амбуланта или ургентен центар, или од друга болница. Има денови кога преку редовна амбуланта од „Мој термин“, можат да се направат и пет приеми на пациенти, а некогаш ниту еден, а исто е и на дежурствата. Има дежурства кога може да се случи да се работат операции цела ноќ, да се примат пет, па и повеќе пациенти. Генерално, секој ден е поинаков и никогаш не ни е здодевно. Мене, лично, бидејќи и по природа сум личност која не трпи монотонија, таа динамика, па и притисок на некој начи,н ми делуваат позитивно и стимулативно, особено при животнозагрозувачки и политрауматизирани состојби. Таму, сите мои капацитети ги ставам во максимална брзина и расположливост за да се спаси или извлече пациентот. Тогаш сум најпродуктивна и најмотивирана да го дадам мојот максимум и ми причинува огромно задоволство кога ќе успеам со некоја моја одлука, интервенција или операција да направам позитивна разлика во животот на пациентот. Тоа ми дава голема мотивација да продолжам со посветено работење и покрај сите придружни негативни појави кои се дел од работата.
Најголема љубов ми е спиналната хирургија која ја работам со посебна страст и посветеност. Се надевам дека во иднина тоа ќе се развие како моја потесна специјалност и еден ден ќе станам експерт во тоа поле.

Вие сте дел од новата генерација македонски хирурзи. Колку е тешко во наши услови да се следат светските текови и колку често имате можност за едукација во странски центри?
Би рекла дека приликата го наоѓа човекот кој ја бара. Секако кај нас тој процес не е олеснет, меѓутоа има прилики за едукација. Оваа година имав прилика преку програма од Министерството за здравство да заминам на двонеделна обука во Хаифа, во Израел. Темата беше „Менаџмент при трауми и масовни катастрофи“ и искрено бев презадоволна од севкупната организација како во научнообразовниот дел, така и од комуникацијата со колегите. Имав можност да се запознаам со колеги од целиот свет што беше прекрасно искуство. Сѐ беше испланирано и беспрекорно организирано. Се вратив со многу идеи и размислувања, а особено со елан да го споделам тоа знаење и протоколи тука, кај нас, со колегите таму. Овие настани се многу важни и секој млад доктор треба да ги посетува колку што може повеќе за зголемување на знаењето но, што е поважно, за проширување на контактите и видикот за нови можности.
Што би им препорачале на младите специјализанти кои допрва влегуваат во сала? На кои вештини (освен мануелните) треба најмногу да работат?
Најпрво би им препорачала да ја сакаат хирургијата и да ја осознаат нејзината големина и убавина. Да донесеш одлука и да го имаш нечиј живот и иднина во свои раце е голема привилегија, но уште поголема одговорност. Со тој подарок секој хирург треба да се однесува многу благодарно и скромно, ослободен од его, но истовремено сигурен во себе и неумолив кога доаѓа моментот да се спроведе одлуката или да се соочи со последиците. Хирургијата не е само школо за медицина, тоа е големо школо за животот и карактерот. Би сакала младите доктори да ги охрабрам да имаат и трпеливост, бидејќи на почетокот истовремено се појавуваат многу пречки и тешкотии и изгледа дека целата таа комплексност не може да се совлада. Тоа е само дел од целата приказна.
Освен мануелните вештини, кои во најголем дел се совладуваат со трпелива и истрајна работа, според мене многу е важен и контактот со пациентот. Би ги посоветувала секогаш да се трудат, независно што никогаш нема да имаат доволно време, колку може повеќе да ги гледаат и да разговараат со пациентите. Од нив се добиваат драгоцени информации што не може да ги добиете ниту од најсовремена дијагностичка апаратура. Тие сознанија се од непроценлива корист за хирургот во моментот на лекување на пациентот, но имаат и научна вредност. Она што е сега во тренд и го гледам кај младите специјализанти е форсирање само на мануелниот дел од хируршката работа, а одбегнување на контактот, разговорот и објаснувањето на пациентот. Лично, тоа го сметам за многу погрешно. Треба сите ние, а особено младите кои сега се градат како идни хирурзи да направат цврсти основи, за на нив стабилно да продолжат да се надградуваат.

Како ја оценувате моменталната опременост на македонските клиники во однос на современите импланти и дијагностичка апаратура?
Здравствениот систем се соочува со комплексни предизвици кои не се должат само на опременоста, туку првенствено на лошата организација. Иако болниците се солидно опремени, постои сериозен дисбаланс во ресурсите: често имаме апаратура, но не и кадар за нејзино користење, и обратно. Овој недостаток на персонал и лошата координација водат кон преоптовареност на институциите и дуплирање на работата, што најсилно се чувствува во внатрешноста на државата. Клиниката за трауматологија располага со сите потребни импланти, вклучувајќи ги и најспецифичните за ретки интервенции. Посебен фокус ставаме на спиналната хирургија, каде редовно ги применуваме најсовремените методи за остеосинтеза. Преку тековната соработка со експерти од Турција, сега успешно третираме комплексни деформитети што претходно се праќаа на лекување во странство. Нашата крајна цел е формирање на обединет Спинален центар, каде пациентите ќе ја добијат целосната грижа на едно место. Чекори напред се прават, иако мали, за нас се многу значајни.
Каде ја гледате македонската трауматологија за 10 години? Дали сме подготвени за поширока примена на роботски асистирана хирургија или 3D печатење на индивидуални импланти?
Општо, секогаш сум оптимист во животот и мислам дека македонската трауматологија секогаш била подготвена за иднината. На нашата Клиника уште во минатото, секогаш се работело по најнови стандарди, тоа се одржува и се надевам дека ќе продолжи така. Моментално имаме голем број млади хирурзи од една страна и искусни трауматолози кои заедно, како тим, можат да постигнат многу. Би сакала за 10 години македонската трауматологија да ја видам како систем кој оперира по највисоки клинички и научни стандарди, со тим кој посветено и професионално работи за доброто на пациентите. Велат дека една работа може да се заврши на многу различни начини, ама секој од тие начини кажува многу за тој кој ја работи. Можеби поради нашата секојдневна набиена агенда и трка со времето не секогаш успеваме да посветиме доволно внимание на научната вредност на нашата работа и да најдеме простор за примена на новите трендови, но секако ќе дојде момент и за тоа. Отворена сум за новини доколку се безбедни и секогаш поддржувам позитивни промени. Лично сметам дека роботски-асистираната хирургија е голем бенефит и за пациентот и за хирургот со поголема комоција во работата, намалување на притисокот и минимизирање на шансата за грешки. 3Д принтот на индивидуални импланти се особено корисни за подобар исход од хируршките интервенции на комплексни кршеници, кај мали коски или зглобови, а најмногу при реконструктивни интервенции. Иако кај нас во моментот тоа сѐ уште не се спроведува, во иднина секако ќе стане дел од нашата секојдневна работа.
Постои ли случај од Вашата досегашна пракса кој Ви оставил посебен впечаток или Ве научил на лекција која не ја пишува во учебниците?
Медицината учи дека секој пациент е сплет од медицински и лични судбини. Како трауматолог, емоционално најсилно ги доживувам младите луѓе со повреди на ‘рбетот, кои поради еден момент на незнаење, невнимателност, непромисленост, завршуваат со траен инвалидитет. Тоа се моменти на професионална немоќ – кога и покрај повеќечасовните операции и сето знаење, не можете да ја вратите изгубена надеж.
Работата како трауматолог ме научи на лекција која ја нема во книгите: хирургијата не е само следење доктрини, туку и развивање креативна медицинска интуиција. Најдоброто решение за пациентот не е секогаш она од учебникот. Хирургот мора да пристапи холистички, да го почувствува пациентот како личност и да прифати дека неговата уникатност треба да го има последниот збор во одлуката за лекување.
Како ја одржувате рамнотежата меѓу интензивната хируршка кариера и приватниот живот? Што е она што Ве „ресетира“ по тешко дежурство?
Рамнотежата во мојот живот не е мирна линија, туку контролиран хаос. Како човек кој сака динамика, често се движам меѓу работни крајности, но научив да го слушам сопственото темпо и да се „ресетирам“ кога е потребно. Хирургијата е маратон, а не спринт, па затоа енергијата ја обновувам преку физичка активност и прошетки во природа. Планинарење и танц се активности кои ми причинува големо задоволство и ги практикувам кога имам слободно време. Мислам дека сето тоа е неопходно за да се задржи фокусот и издржливоста во секојдневна рутина. Сепак, најсилниот „лек“ по тешките дежурства се моите внучиња – тие се мојот најбрз начин за обновување на енергијата.





