пребарување
   
 

Потпишан меморандум за соработка помеѓу ЗНМ и Лекарска комора

23.12.2021

Денеска беше потпишан Меморандум за соработка помеѓу Здружението на новинари и Лекарската комора со кој се обврзуваат двете организации заеднички да работат на подигнување на нивото на соработка меѓу професиите кои ги застапуваат и унапредување на здравствената култура во нашата земја.

Двете организации во изминатиот период утврдија дека постои потреба за подигнување на нивото на соработка и комуникацијата меѓу новинарите и лекарите преку организирање на настани од заеднички интерес на кој би учествувал лекарите и новинарите. Меморандумот подразбира преземање на активности со цел унапредување на положбата на лекарите и медиумските работници во кризни состојби, реализација на заеднички активности насочени кон едукација со цел подигнување на квалитетот на медиумското известување поврзано со прашања од здравствената сфера. Во рамките на соработката се предвидува и заеднички настап пред надлежните институции и јавноста за побрзо носење на измените на Кривичниот законик со кои нападот врз здравствен работник и новинар како и медиумски работник ќе се смета за напад врз службено лице.

Претседателот на Лекарската комора проф. д-р Калина Гривчева Старделова истакна дека лекарите и новинарите се занимаваат со јавни професии поради што многу често се соочуваат со слични проблеми обидувајќи се професионално да ги извршуваат своите задачи.

„Ова особено стана изразено во периодот на пандемија кога и новинарите и лекарите станаа жртви на физички и вербални напади. Ние како професионални здруженија со потпишување на Меморандумот се обврзуваме заеднички да постигнеме подобри резултати во застапувањето на нашите членови, да го трасираме патот за поблиска комуникација во секојдневното извршување на работните задачи што ќе овозможи навремена дистрибуција на точни информации до јавноста, а со тоа да придонесеме за унапредување на здравствената култура и здравствената заштита во земјата“, изјави проф. д-р Калина Гривчева Старделова, Претседател на Лекарска комора.

Овој меморандум и оваа заложба за меѓусебна соработка е доказ дека имаме искрена намера новинарите и лекарите да работат на заеднички точки на интерес во корист на граѓаните. Токму ова ќе бидат и темите на кои во иднина се обврзуваме да работиме најпрво преку средби за консултации помеѓу членови на ЗНМ кои покриваат теми од сектор здравство и претставници на Лекарската комора. На долг рок оваа соработка очекуваме да придонесе кон подобрување на комуникацијата но и довербата помеѓу двете фели“, изјави Младен Чадиковски, Претседател на ЗНМ.

 

 

акредитирани стручни активности



Акредитирани испитувачи во комисии за полагање стручен испит
Акредитирани здравствени установи за стручен испит
Vox Medici
 
Поволности за лекари
 
Лекарска комора на Република Северна Македонија
“Партизански одреди” број 3, 1000 Скопје, Република Северна Македонија
работно време:
понеделник - петок од 08 до 16 ч.
тел. 02/3239060
тел. 02/3225592
жиро сметка: 200000011464034
факс. 02/3124066

facebook.com/lkm.org.mk
developed by Медиум 3