пребарување
   
 

Лекарска комора домаќин на 28-от ЗЕВА Симпозиум

24.09.2021

Лекарска комора на Република Северна Македонија беше домаќин на 28 - от ЗЕВА Симпозиум, меѓународен собир од висока важност и значење на кој учествуваа највисоките претставници на лекарските комори и здруженија од 17 земји од Централна и Источна Европа. Главна тема на настанот беше „Медицински комори и Ковид-19 во 2021 година: Промена на задачите и нови перспективи “ .

Претседателот на Лекарката комора проф. д-р Калина Гривчева Старделова во своето воведно обраќање истакна дека нашата комора ја има честа симпозиумот да го организира втора година по ред и даде осврт на активностите кои Комората ги организираше во насока на намалување на негативните последици од пандемијата.

Комората во текот на 2020 и 2021 година го одржа континуитетот на редовна работа , иако постоеја отежнати околности. Значајно е и тоа што се обезбедија услови за полагање на стручниот испит, така во 2021 година, кога поради големиот наплив на пациентите со Ковид -19 беше потребен лекар повеќе, 309 млади лекари успешно го положија испитот и се стекнаа со лиценца за работа. Активно се одвиваше и комуникацијата со Фондот за здравствено осигурување и Министерството за здравство , решавајќи ги тековните проблеми и предизвици, но и заземајќи се за системско воспоставување на подобри услови за работа на докторите. Особено сме горди на членството во Постојниот комитетот на европски лекари ( CPME ) , со што се потврдува нашата релевантност и стручност во однос на колегите од земјите од ЕУ. Јасно е дека справување со Ковид -19 ќе биде нашата цел и во 2022 година , а во таа насока сметам дека треба да организираме заеднички пристап во справувањето со активакцерските движења, особено оние кои доаѓаат од докторката фела“, истакна проф. д-р Гривчева Старделова.

Поздравно обраќање имаше и министерот за здравство доц. д-р Венко Филипче кој нагласи дека процесот на вакцинација дава надеж дека состојбата може да се подобри.

„Пандемијата покажа дека здравствениот систем е еден од клучните столбови на општеството. Важно е да се има мултисекторски пристап во справување со пандемијата, како да се демонстрира соработка и солидарност, сите земји ширум светот да разменуваат информации и искуства“, истакна доц. д-р Филипче.

Настанот беше од хибриден вид, дел од учесниците беа со физичко присуство, а дел беа вклучени преку платформите за видео комуникација.

Д-р Горан Павиќ од Федералната лекарската комора на Босна и Херцеговина истакна дека пандемијата има силно негативно влијание врз здравствениот систем, економијата, општата смртност, менталното здравје и воопшто врз сите сфери на општествено живеење.

„ Здравствените системи се преоптоварени, а здравствените работници се ранлива група, голем број од нив починаа од Ковид -19. Масовната вакцинација е единствениот начин за справување со пандемијата. Затоа патување преку меѓународни граници треба да биде само со „ ковид - пасош“, влегување во затворени објекти исто така. Државите треба да направат напори да обезбедат вакцини и да организираат масовна вакцинација бидејќи само така ќе се направи епидемиолошки бариери и ќе ја намали смртноста од вирусот“, истакна д-р Павиќ.

За состојбите во своите држави реферираа претставниците од сите членки на ЗЕВА Симпозиумот, а свое обраќање имаше и Анабел Сибом генерален секретар на Постојниот комитетот на европски лекари (CPME ).

Симпозиумот ЗЕВА има важна улога во насока на олеснување на комуникацијата и размената на искуства и идеи помеѓу сите комори од овој регионот на Централна и Источна Европа. Симпозиумот останува платформа за дискусија на различни теми за коморското работење и обезбедува силен регионален глас на медицинската заедница. Притоа, тој ги промовира заедничките интереси на лекарските комори и здруженија, вклучувајќи ги и оние комори од земји кои се уште не се членки на Европската Унија.
акредитирани стручни активности



Акредитирани испитувачи во комисии за полагање стручен испит
Акредитирани здравствени установи за стручен испит
Vox Medici
 
Поволности за лекари
 
Лекарска комора на Република Северна Македонија
“Партизански одреди” број 3, 1000 Скопје, Република Северна Македонија
работно време:
понеделник - петок од 08 до 16 ч.
тел. 02/3239060
тел. 02/3225592
жиро сметка: 200000011464034
факс. 02/3124066

facebook.com/lkm.org.mk
developed by Медиум 3