пребарување
   
 

Лекарска комора: Лекарите мора да бидат безбедни на работните места

29.07.2021

Лекарската комора на РСМ истакнува дека лекарите и здравствените работници мора да се чувствуваат и да бидат безбедни на своите работни места, бидејќи само така ќе може да се вложат со целосен капацитет во лекување на пациентите и унапредување на здравствениот систем. Во таа насока ја истакнуваме важноста на одлуката за измени на Кривичниот закон со кои напад или посегнување по животот на лекар или на здравствен работник се смета за напад на службено лице и се казнува како кривично дело. Овие дела се групирани во неколку категории за кои се предвидува различна висина на затворска казна. Досега нападот на здравствените работници се казнуваше како прекршочно дело за што постоеше парична казна.

Лекарската комора во соработка со надлежните институции подолго време работи на подготовка на измени на законската регулатива со кои се регулира ова прашање. Во досегашните фази беа направени измени на Законот за здравствена заштита со кои на лекарите им се даде статус на службени лица, а со поврзување на овој Закон со Кривичниот закон процесот комплетно се заокружува.

Лекарите и пациентите се дел од заедничка целина и само со взаемен однос на доверба и меѓусебно почитување ќе може да се стигне до реализација на целите и потребите на двете страни. Веруваме дека пациентите ќе го препознаат искрениот и стручен пристап и желбата да им помогнат која ја негуваат и на која се обврзани лекарите и здравствените работници, а за сите исклучоци решение ќе се бара преку институциите на системот, а не преку насилство.

Лекарската комора изразува и поддршка за најавата на Министерството за здравство со законски измени да се регулира правото на вршење дополнителна дејност за сите лекари во јавните и приватни здравствени установи. Веруваме дека доколку оваа идеја соодветно и добро се имплементира ќе создаде можност за дополнителна работа и заработувачка на докторите со што нема да постои потреба за заминување во странство. Бенефит ќе има и за пациентите кои потребните здравствени услуги ќе може да ги добијат во местото каде што живеат и нема да има потреба да трошат време и средства на патување.

Лекарската комора како стручно и независно здружение кое ги застапува и штити интересите на докторите и во наредниот период ќе продолжи да работи на унапредувањето на нивната положба во општеството, остварување на права согласно општествениот придонес кој до даваат, како и на зајакнување на довербата на релација пациент-лекар.

акредитирани стручни активности



Акредитирани испитувачи во комисии за полагање стручен испит
Акредитирани здравствени установи за стручен испит
Vox Medici
 
Поволности за лекари
 
Лекарска комора на Република Северна Македонија
“Партизански одреди” број 3, 1000 Скопје, Република Северна Македонија
работно време:
понеделник - петок од 08 до 16 ч.
тел. 02/3239060
тел. 02/3225592
жиро сметка: 200000011464034
факс. 02/3124066

facebook.com/lkm.org.mk
developed by Медиум 3