пребарување
   
 

Потребна е заедничка акција за заштита на колективното здравје и здравствениот систем

18.03.2021


Лекарската комора на Република Северна Македонија, како највисоко стручно здружение на докторите по медицина кое има за цел да ја заштити и унапреди лекарската професија, но и јавното здравје, упатува апел и ги повикува сите граѓани да ја препознаат сериозноста на ситуацијата во која се наоѓаме предизвикана од ширењето на ковид-19 и со заеднички придонес и делување да им помогнат на лекарите во борбата за заштита на индивидуалното и колективно здравје, бидејќи тоа е единствениот начин да се спречи понатамошното ширење на вирусот и да се избегне колапс на здравствениот систем.

Податоците од Институтот за јавно здравје укажуваат на тоа дека третиот бран на вирусот зема голем замав и веќе на дневно ниво се регистрираат над 1.000 заболени. Само од први март, кога имало 8.369 регистрирани активни случаи, до денес оваа бројка е веќе искачена на 12.819 болни. Паралелно растат и бројките на пациенти кои поради сериозноста на здравствената состојба и компликациите предизвикани од ковид-19 имаат потреба од болничко лекување. Капацитетите на болниците речиси се исполнети, секојдневно бараме дополнителен кревет за згрижување на тешко болните. Голем проблем за одржливоста на здравствениот систем претставува и намалувањето на бројот на активни здравствени работници, бидејќи и меѓу нив расте бројот на заразени и на оние кои се во самоизолација, а дополнително е и тоа што се соочуваме и со премореност, бидејќи епидемијата трае многу долго. Голем дел од кадарот кој работи во ковид центрите одамна не работи по систем на ротации, а многу здравствени работници немаат користено годишен одмор. Во услови на намален број на здравствени работници и непостоење на начин за кратко време тој да се зголеми станува јасно дека помал број на лекари, медицински сестри и болничари треба да се грижат за значително поголемиот број пациенти што неминовно влијае на квалитетот на здравствената нега која се добива. На крај, со ангажирање на здравствените капацитети во лекувањето на ковид-19, неминовна последица е сведување на минимум на капацитетите за дијагностицирање, лекување и згрижување на болни со не-ковид патологија, што дополнително го загрозува здравјето на популацијата.

Во изминатиот период Лекарската комора делувајќи проактивно, преку платформите за видеоконференции, организираше стручни состаноци меѓу лекари од сите нивоа на здравствениот систем, преку кои се унапреди размената на информации за најнови сознанија за вирусот, неговото дијагностицирање и лекувањето, што е од особена помош за здравствените професионалци.

Потенцираме дека ние лекарите, како здравствени професионалци, на прво место ја имаме грижата за пациентите, бидејќи тоа е предизвикот кој сме го одбрале. Но, во исто време чувствуваме обврска и должност да предупредиме дека се наоѓаме во исклучително сериозна состојба, од која може да излеземе само ако сите почнеме одговорно да се однесуваме и да ги почитуваме мерките за заштита. Треба да сфатиме дека секој од нас и сите ние заедно, преку своите постапки, можеме значително да влијаеме на намалување на бројот на новозаболени и на тој начин да се заштитиме себеси, нашите семејства, пријатели, колеги и сите други граѓани. Со доследно и трајно спроведување на мерките за заштита може да го спречиме ширењето на вирусот, а со тоа и долго и тешко лекување на компликации, загуба на животи и уривање на здравствениот систем. Ве повикуваме да ни помогнете во борбата со вирусот, преку држење на безбедна дистанца, носење заштитна маска, почесто миење на рацете и одбегнување на групирања и собирања, особено во затворен простор. Во услови кога сѐ уште се очекува да бидат обезбедени вакцини за поширок опфат на населението, единствено со придржување до овие едноставни мерки може пандемијата за кратко време да се стави под контрола.

На крај, апелираме и до Комисијата за заразни болести сериозно да го земе предвид воведувањето на дополнителни рестриктивни мерки и протоколи. Свесни сме за фактот дека овие мерки се крајно непопуларни, но во интерес на одржливост на болничките капацитети и зачувување на јавното здравје, како здравствени професионалци, сметаме дека нивното воведување е повеќе од потребно. Само со холистички пристап и земање на сите фактори предвид и со промптна реакција на сите полиња можеме целосно да се избориме со вирусот.


 

акредитирани стручни активности

Акредитирани испитувачи во комисии за полагање стручен испит
Акредитирани здравствени установи за стручен испит
Vox Medici
 
Поволности за лекари
 
Лекарска комора на Република Северна Македонија
“Партизански одреди” број 3, 1000 Скопје, Република Северна Македонија
работно време:
понеделник - петок од 08 до 16 ч.
тел. 02/3239060
тел. 02/3225592
жиро сметка: 200000011464034
факс. 02/3124066

facebook.com/lkm.org.mk
developed by Медиум 3