пребарување
   
 

Потпишана Повелба за заштита и унапредување на докторската професија и донесување на Закон за докторска дејност

10.11.2015

„Ние потписници на оваа Повелба, како и оние кои кон неа ќе пристапат, јавно се обврзуваме, секој во своите ингеренции, дека ќе работиме на заштита и унапредување на докторската професија преку донесување на Закон за докторска дејност... “. Ова е истакнато во Повелбата што денеска, во просториите на Лекарската комора на Македонија, во присуство на директорите на Фондот за здравствено осигурување на Македонија, претставници на синдикатите, директори на јавни здравствени установи и доктори ја потпишаа министерот за здравство Никола Тодоров и претседателите на Лекарската комора на Македонија и на Македонското лекарско друштво, д-р Кочо Чакалароски и д-р Горан Димитров.

Повелбата која понатаму е предвидено да се развие во Закон за докторската дејност е во насока на заштита и унапредување на докторската дејност, а особено во заштита на интегритетот и дигнитетот на докторот како личност и професионалец што придонесува кон обезбедување квалитетна здравствена заштита на задоволство и на докторите и на пациентите.

“Лекарската фела веќе подолг временски период како еден од своите приоритети го има донесувањето на Законот за докторска дејност со кој ќе се направи кодификација и детализирање на одредени сегменти кои ќе ја детерминираат здравствената и лекарската дејност како дејност од јавен интерес со посебен акцент на правата и обврските на докторите кои не се опфатени со досегашната регулатива. Оваа наша иницијатива како законски предлог беше доставена во повеќе наврати до Министерството за здравство, но досега, за жал, се сведе на ветувањa. истакна во своето обраќање претседателот на Комората, д-р Чакалароски.

“Како поклоници на Хипократовата заклетва и припадници на една исклучително хумана професија ние како доктори ќе продолжиме да работиме и да правиме се нашите граѓани да добијат максимална нега и соодветна здравствена заштита, меѓутоа треба да ни се овозможи тоа да го правиме чесно и достоинствено и, секако, безбедно”, нагласи д-р Чакалароски.

За потребата од донесување на овој Закон говореше и д-р Горан Димитров, претседател на Македонското лекарско друштво, додека министерот Тодоров истакна дека потписниците на Повелбата јавно се обврзуваат да работи на заштита и унапредување на докторската професија преку донесување Закон за докторска дејност кој ќе опфати независно и професионално вршење на докторската дејност, чување и унапредување на слободата и угледот на докторското звање, одржување и унапредување на квалитетот на докторските услуги во интерес на заштита на здравјето на поединецот, семејството и населението воопшто.

Основните начела на кои се базира Повелбата се и одржувањето и унапредување на довербата меѓу докторот и пациентот, како и членовите на неговото семејство во вршењето на докторската дејност, заемно почитување на правата на пациентите и на докторите, правото на докторот да се повика на совеста поради сопствени етички, верски и морални обврски да одбие спроведување на дијагностика, лекување и рехабилитација на пациенти ако тоа не е во спротивност со правилата на струката и со тоа не се причинуваат трајни последици за здравјето или не се загрозува животот на пациентот, обврската на докторот да чува како докторска тајна се што ќе дознае за пациентот кој му се обратил за докторска помош, а е во врска со неговата здравствена состојба освен ако со посебен закон тоа поинаку не е уредено.

Во Повелбата се опфатени: право на докторот да биде почитуван од другите доктори и здравствени работници, право и обврска на стручно усовршување на докторот, вреднување на неговата работа согласно колективниот договор, право на докторот и членовите на неговото потесно семејство на заштита ако кон него непосредно се упатени закани, напади и слични постапки во врска со давањето здравствени услуги...

Министерот Тодоров се осврна и на законските измени со кои докторот кога врши здравствена дејност и дава здравствени услуги се смета како службено лице кое врши службена должност врз основа на овластување дадено со закон и истакна дека  верува дека Повелбата ќе биде преточена во закон за доктори, односно закон за правата на лекарите.  

Повелбата ја потпишаа речиси сите доктори кои присуствуваа на нејзиното официјално промовирање.

Повелба за заштита и унапредување на докторската професија и донесување на Закон за докторска дејност (pdf)

акредитирани стручни активности

Акредитирани испитувачи во комисии за полагање стручен испит
Акредитирани здравствени установи за стручен испит
Vox Medici
 
Меѓународни конгреси, симпозиуми, работилници...
Спортски секции
Поволности за лекари
Нудиме – бараме
 
Лекарска комора на Македонија
“Партизански одреди” број 3, 1000 Скопје, Македонија
работно време:
понеделник - петок од 07:30 до 15 ч.
тел. 02/3239060
тел. 02/3225592
жиро сметка: 200000011464034
факс. 02/3124066
developed by Медиум 3