пребарување
   
 

Упатство за полагање

Лекарската комора на Македонија формира испитна комисија од седум (7) члена којашто ги оценува способностите на докторот по медицина за стекнување на основна лиценца преку испит што се состои од три дела:
1. Писмен дел
2. Практичен дел
3. Устен дел

За член на испитната комисија се определува доктор на медицина од областа согласно програмата за пробната работа, акредитиран од Комисијата за стручни прашања, којшто не бил поврзан со обуката на кандидатот за време на пробната работа (ментор, едукатор).

1. Писмен дел - тест

Основата на тестот е да се провери теоретското познавање на кандидатот. Писмениот дел на испитот се состои од 120 прашања од следниве области: примарна здравствена заштита и превентива, интерна медицина, педијатрија, хирургија, гинекологија и правен дел. Бројот на прашањата од областите е променлив, но вкупниот број е секогаш 120. Прашањата се направени врз принципот на повеќекратен избор (5)-еден точен одговор, што значи дека треба да се заокружи само еден точен одговор (види подолу примери). Прашање без одговор се смета за неодговорено, како и прашање каде што се заокружени повеќе од еден одговор (вклучително и точниот).

Времетраењето на испитот е 150 минути. Секој кандидат добива посебен тест за полагање во чиешто заглавје треба да го впише својот идентификационен број добиен од Комората непосредно пред започнувањето на писмениот дел на испитот.
Тестот се смета за положен доколку се точно одговорени 72 прашања (60%).

Откако кандидатот позитивно ќе го положи писмениот дел од испитот, се упатува на полагање на практичниот дел на испитот.
Времето и местото на изведување на практичниот дел на испитот на кандидатот му се соопштуваат истовремено со резултатите од писмениот дел на испитот.

Кандидатот којшто не е задоволен од резултатот на тестот има право да бара ревизија на тестот, со писмен приговор до Комората, во рок од 24 часа од денот на добивањето на резултатот.

Кандидатот кој не го положил испитот може повторно да го полага испитот во рок кој не може да биде покус од еден месец, но не подолг од една година.

Примери на прашања:
1. Градна болка што се јавува при физички напор, а се смирува со прекин на активноста, е типичен симптом за:
а. Пролапс на митралниот залисток;
б. Ангина пекторис-стабилна;
в. Белодробна емболија;
г. Ангина пекторис-нестабилна;
д. Езофагеална спазма;
Точен одговор: б

2. Предвремената контракција (екстрасистола) потекнува од:
а. Сино-преткоморен јазол;
б. Преткоморно-коморен јазол;
в. Преткоморен миокард;
г. Коморен миокард;
д. Сé од горе спомнатото;
Точен одговор: д

2. Практичен дел од испитот

Практичниот дел од испитот се спроведува во акредитирани ординации, а се состои во разговор со пациентот и негов физикален преглед.
Практичниот дел од испитот се спроведува по два дена (48 часа) од полагањето на теоретскиот дел на испитот.
Пред започнување на испитот, Комисијата на сите кандидати (најмногу 5) ќе им ја објасни постапката на полагањето на практичниот дел од испитот.

Кандидатот ќе влезе во ординацијата заедно со комисијата и ќе добие случај-пациент, како и образец на којшто го внесува идентификациониот број и ги забележува најзначајните податоци од анамнезата, физикалниот наод, диференцијалната дијагноза, како и можните идни испитувања и евентуалната терапија (види го образецот како додаток на ова упатство).
Кандидатот треба да земе анамнеза и да го прегледа пациентот во текот на 30-45 минути. Комисијата ќе му сигнализира кога има уште 5 минути до завршување на испитувањето. Кандидатот е должен да ги земе сите потребни анамнестички податоци и да го изведе физикалниот преглед во предвиденото време.

Кандидатот е должен да одговори на прашањата на пациентот во врска со дијагнозата и евентуалната терапија, но ако тие го одолжуваат времето на испитот, испитната комисија има право да ја ограничи дискусијата со пациентот.
Во текот на практичниот испит комисијата ги набљудува комуникациските вештини (анамнеза) и клиничките вештини (физикален преглед) и во интерпретација на наодите од клиничкото испитување (диференцијална дијагноза, можни натамошни испитувања, евентуална терапија).

Комисијата може да бара од кандидатот изведување на некои од клиничките испитувања од интерес за диференцијалната дијагноза и да побара усмено објаснување на некои од лабораториските анализи приложени во документацијата на пациентот (анализи на крв и/или мочка, електрокардиограм), но максимум во време од 15 минути по завршувањето на прегледот на пациентот.
По прегледот на пациентот и евентуалните дополнителни испитувања барани од Комисијата, кандидатот ја напушта просторијата и е должен во време од 15 минути да ги набележи најзначајните податоци во образецот: од анамнезата, физикалниот наод, диференцијалната дијагноза (по приоритети) и евентуалните натамошни дијагностички испитувања, како и терапијата (внесена по групи на медикаменти или генерички имиња).

Образецот треба да биде напишан со читок ракопис. Ако кандидатот смета дека натамошни испитувања или терапија не се потребни, треба да го набележи тоа (“не се потребни натамошни испитувања” или “не е потребна терапија”), а не да го остава полето празно.
Кандидатот по завршување на испитот го предава образецот на комисијата.
Практичниот дел на испитот може да трае најмногу 75 минути.
Практичниот дел од испитот се оценува со положил/не положил.
Откако кандидатот ќе го положи практичниот дел од испитот, се упатува на полагање на усниот дел на испитот.
Ако кандидатот не положил некој од деловите на стручниот испит, може повторно да го полага тој дел од испитот во рок од три месеци, во спротивно стучниот испит се полага повторно.

3. Устен дел од испитот

Усниот дел од испитот се спроведува наредниот ден од полагањето на практичниот дел на испитот со почеток во 10 часот. За местото на одвивање на испитот, кандидатот се известува на крајот од полагањето на практичниот дел на испитот.
Испитот ќе се изведува пред Комисијата со поединечен разговор со кандидатот. Испитот ќе започне преку анализа на презентиран случај од практиката со етичко деонтолошки проблем од наведените теми, а потоа во текот на разговорот ќе се зачнат прашања и од другите наведени области. Разговорот ќе се изведува врз основа на конкретни ситуации што произлегуваат од практиката и искуството на членовите на Комисијата.

Усниот дел на испитот може да трае најмногу 60 минути.

Дел од темите за дискусија за медицинско - етички проблеми и професионалните ставови и однесување на кандидатот:
1. Основни принципи на лекарска етика (Кодекс на медицинска деонтологија на Лекарска комора на РМ; Хипократова заклетва; Женевска заклетва; Меѓународен кодекс на лекарска етика на светското здружение на лекари; Декларација од Хелсинки - Упаства за лекарите при биомедицинско истражување на луѓето).
2. Општи должности на лекарот (кон болниот; кон другите лекари; кон медицинскиот персонал; кон општеството).
3. Биомедицинско истражување (надвор од лекување - базично истражување и заедно со лекување - клиничко истражување).
4. Одделни етички проблеми (интензивно лекување; оперативно лекување; трансфузија; трансплантација; абортус; еутаназија; јатрогени болести; зрачење, генетско тестирање, пренатална дијагноза, генетски инженеринг, злоупотребување на деца).
5. Лекарска грешка и несовесно лекување (умисла и небрежност; неукажување на лекарска помош; лекарска тајна).
6. Надрилекарство (традиционална и/или алтернативна медицина)
7. Етички проблеми во здравствената установа (јавна здравствена организација; во приватна медицинска практика).
8. Лекарот и јавните медиуми (здравствено просветување; рекламирање).

Усниот дел од испитот се оценува со положил/не положил.
Кандидатот којшто нема да го положи практичниот дел од испитот, има право повторно да го полага овој дел од испитот во рок којшто не е покус од 3 месеци.

акредитирани стручни активности

Акредитирани испитувачи во комисии за полагање стручен испит
Акредитирани здравствени установи за стручен испит
Vox Medici
 
Меѓународни конгреси, симпозиуми, работилници...
Спортски секции
Поволности за лекари
Нудиме – бараме
 
Лекарска комора на Македонија
“Партизански одреди” број 3, 1000 Скопје, Македонија
работно време:
понеделник - петок од 08 до 16 ч.
тел. 02/3239060
тел. 02/3225592
жиро сметка: 200000011464034
факс. 02/3124066
developed by Медиум 3